Македонија
Хрватска ѝ донира на Македонија 10.000 вакцини од „Астразенека“
Хрватска ѝ донира на Македонија 10.000 вакцини од производителот „Астразенека“, а според најавите од Владата на Хрватска во знак на пријателство во најскоро време ќе пристигнат и дополнително 20.000 дози на вакцини.
„Непосреден повод за нашата средба беше еден убав навистина пријателски чин, а тоа е донацијата на вакцини од страна на Република Хрватска кои веќе стигнаа во нашата земја, 10.000 вакцини на ‘Астразенека’ во текот на вчерашниот ден и кои веќе од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови ширум земјата. Хрватската Влада донесе уште една одлука, да донира дополнителни 20.000 вакцини кои ќе бидат или од производителот ‘Астразенека’ или од производителот ‘Модерна’, што би било и прва вакцина која ќе пристигне од овој производител во нашата земја“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, по средбата со хрватскиот министер за надворешни работи, Грлиќ Радман.
Тој додаде дека во овој момент во нашата држава има доволно вакцини за спроведување на процесот на имунизација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Работниците останале без 600 евра минимална плата поради ССМ, Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски
Работниците останале без 600 евра минимална плата во 2028 година поради ССМ, Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски. Политичката заробеност на ССМ, од страна на СДС се покажува на дело, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дека на Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски како и ССМ како синдикат не им е грижа за работниците, се докажува по тоа дека одбиле 40% зголемување на платите за административните службеници или минимум во бројка, над 10.000 денари за само две години од денес. Сето ова, само поради послушноста и потчинетоста кон СДС.
Доколку овој предлог односно ова зголемување на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ било прифатено од гранковиот синдикат УПОЗ, предводен од Трпе Деаноски и ССМ предводен од Слободан Трендафилов, минималната плата ќе изнесувала минимум 36.000 денари за административните службеници во 2028 година. Единствениот услов од Владата е да се потпише нов колективен договор до 2028 година, поради тоа што моменталниот е нејасно напишан и различно е толкуван, а згора на се и е истечен“.
Но, поради политичкото заробеништво на ССМ, додава Манасиевски, Слободан Трендафилов и Трпе Деаноски, од страна на СДС, одлучиле да шуруваат со нив, сакајќи на овој начин да и наштетат на државата.
„Но не сфаќаат дека со ова наштетуваат на работниците, оние на коишто тие велат дека им мислат добро.
Поддршката од СДС и Левица за ССМ е само доказ дека тие немаат никаква искрена намера, туку само напад кон Владата, која дава се од себе за зголемување на платите и на пензиите, како што впрочем тоа го докажавме во образованието, во здравството, во полицијата, Министерството за одбрана, социјалата и за пензионерите“.
Македонија
Мицкоски: Проектот „Безбеден град“ има за цел да спасува човечки животи, погрешно е што одредени политичари се обидуваат да го етнизираат
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната седница истакна дека оваа влада ја гарантира правичната застапеност и новиот закон доби позитивна препорака од Венецијанска комисија што е обврзувачко во процесот кон ЕУ, а проектот „Безбеден град“ не етнизира, туку спасува човечки животи.
„Што се однесува за правичната застапеност можам да кажам дека апсолутно се води сметка за правичната застапеност, јас сум личен гарант и тоа сум го кажал во минатото. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Влада, нема да дозволам никој никого да мајоризира или минимизира. Односно, апсолутно можам да ве убедам дека квалитетот на луѓето без разлика од која етничка припадност доаѓаат треба да биде клучен и приоритет и тоа е темелна уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции“, истакна премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Скендер Реџепи.
Мицкоски му порача на пратеникот Реџепи дека треба пошироко и објективно да ги гледаат работите, наместо да ги етнизираат прашањата мислејќи дека така ќе добијат политички поени.
„Што се однесува до Законот за правична застапеност, тој е готов, ги доби последните позитивни мислења на Венецијанската комисија. Ќе ве потсетам, мислењето на Венецијанската комисија согласно последните измени во процесот на пристапување кон Европската Унија и согласно последните барања за промена на методологијата во процесот на пристапување се одлучувачки фактор. По истите се постапува и очекувам многу скоро овој закон да биде доставен пред вас пратениците и се надевам дека едногласно истиот ќе биде усвоен бидејќи има позитивна препорака на Венецијанската комисија и се надевам дека нема на тој начин пратениците да ги загрозат европските процеси на државата“, потенцираше премиерот.
Во врска со одлуката на Уставниот суд, тој нагласи дека одлуки на Уставен суд нема да коментира, но факт е дека ова мнозинство во Уставниот суд е избрано во време на претходната влада, а не во оваа.
Во однос на проектот „Безбеден град“, премиерот Мицкоски потенцираше дека погрешно е што и ова некои политичари се обидуваат да го етнизираат, затоа што истиот има за цел да спасува човечки животи.
„Политичарите кои се во романтичен занес, мислат дека ако ги етнизираат и упокоените кои за жал го изгубиле својот живот поради сообраќајни незгоди, треба да се гледаат низ оптика на етничка припадност. Она што можам да кажам е дека повеќе нема да има голем број на жртви на сообраќајни незгоди по имплементирање на проектот „Безбеден град“. Оваа влада одлучи проектот да се стави во функција со цел да спаси човечки животи без да се води математичка статистика кој од која етничка припадност и да ја толкува методологијата со која за упокоените се определува етничка припадност. Овој проект има за задача да спаси што е можно повеќе луѓе“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.

