Македонија
Христова за иселувањето: Колеги од власта дали ги вративте сопствениците на чевлите кои ги остававте пред Влада?
На почетoкот на мојот говор ќе ја поздравам целата македонска дијаспора, онаа која немала некакви придобивки од овој министер и онаа која не заминала во белиот свет затоа што не си ја сака државата, туку заминала од мака и во потрага за подобар живот, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Христова од собраниската седница на која на дневен ред е разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.
Христова, од говорницата, ги праша пратениците од владејачкото мнозинство дали ги вратија сопствениците на чевлите кои пред неколку години, во периодот кога беа во опозиција, ги оставаа пред Влада.
Секако посочи, Христова, дека не ги вратија, напротив, младите во Македонија се повеќе се иселуваат, затоа што власта не направи ништо за да ги подобри условите за живот, а масовно иселување допрва ќе се случува, затоа што погубните политики на владата се неподносливи.
„Втори, сакам да ги запрашам колегите од власта, чевлите што ги остававте пред Влада пред неколку години, дали ги вративте назад нивните сопственици, дали ги подобривте условите за живот, дали ја подобривте економската состојба од тогаш до денес? Што подобривте во државата за да ги вратите сите оние кои што заминаа и ни избегаа по туѓите земји? Ништо! Напротив, откако СДСМ и ДУИ се на власт бројката од 600 илјади тогаш, до денес е уште поголема. А, последните анкети на граѓаните зборуваат дека допрва ќе се случи масовно иселување, затоа што погубните политики на оваа Влада се веќе неподносливи“, истакна Христова.
Посочи дека ова не го зборува на памет, туку тоа го покажуваат сите релевантни истражувања, како што е и последното на ИПИС, резултатите од кое покажуваат дека нај работоспособното и нај продуктивното население планира да си замине од Македонија.
„Неодамнешната анкета на ИПИС зборува дека 45,3% од младите до 29 годишна возраст, размислуваат за иселување. А, исто голем е процентот од 44,3 на возраст од 30-39 години кои би ја напуштиле Република Македонија. Нај работоспособното и нај продуктивното население во државата би си заминало. Затоа што нема никаков просперитет и никаква иднина во родната земја, затоа што при вработување кај нас не се гледа ниту способноста, ниту компетенциите кои ги поседуваат младите, туку пред се се гледаат роднинските врски со функционерите на власта, се гледа партиската припадност и партиската послушност“, рече меѓу другото Христова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

