Македонија
Царинската управа: 4,8 милиони долари грант од Република Кореја за систем за управување со ризици и податочен склад
Царинската управа добива грант од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад од владата на Република Кореја. Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, и Ки-донг Ким, директор при Царинската служба на Република Кореја, потпишаа меморандум за соработка за доделување на грантот.
„Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации, во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката. Во оваа насока нашите идни политики базирани на ваквиот систем ќе бидат насочени кон развој на Царинската управа и подобрување на менаџирањето со ризици. Подоброто управување со ризици значи заштита на финансиските интереси на државата и повеќе пари во буџетот“, истакна Богоев.
Имплементацијата на овој систем, како што нагласи Богоев, е особено важна во време кога зависиме од брзата размена на податоци.
„Целиот свет во моментот е соочен со раст на цените, што се пресликува врз економијата. Истовремено, криминалитетот наоѓа свои форми на дејствување под закрилата на отворената економија. Во такви услови Царинската управа потребно е да дејствува како ефикасна институција, која ќе спроведува мерки и активности во насока на сузбивање на криминалот и поголем економски раст. Оттаму, потребна ни е стратегија, која ќе даде ефикасен одговор на сите предизвици со кои се соочуваме денеска“, истакна тој.
Директорот при Царинската служба на Република Кореја, Ки-донг Ким, истакна дека потпишувањето на меморандумот е многу значаен бидејќи ги потврдува решителноста и одлучноста на царинските служби за успешно спроведување на проектот.
„Овој проект се очекува во голема мера да придонесе за проширување на финансиските интереси преку спречување на даночното затајување и сузбивање на шверцот преку напредно управување со ризикот, како и олеснување на логистиката за царинење“, истакна Ким.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

