Македонија
Царовска во Анкара: ТИКА продолжува со инвестиции во образованието во Македонија
Турската агенција за соработка и координација ТИКА ќе продолжи да ги поддржува заложбите на Владата за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, инвестирајќи во повеќе негови сегменти, со особен фокус на инфраструктурните проекти. Ова беше потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука, Мила Царовска, со претседателот на ТИКА, Серкан Кајалар, која се одржа во главниот град на Турција, каде што делегација од МОН во која покрај министерката и заменик-министерот Арафат Шабани е во неколкудневна посета.
„Особено ни е драго што ТИКА секогаш ги препознава и долги години ги поддржува напорите на државата за развој на образованието и што како претседателство потврдувате дека таа поддршка не само што нема да запре, туку и ќе се интензивира. За нас тоа е многу важно во овој период во кој во тек е имплементирање на реформите предвидени со неколкугодишниот план на МОН и на Владата“, рече Царовска за време на средбата, заблагодарувајќи се на агенцијата за сите досегашни инвестиции кои се плод на одличното партнерство помеѓу двете земји.
Претседателот на турската агенција за соработка и координација Кајалар рече дека Северна Македонија е многу значајна земја за Турција и затоа продолжуваат да го поддржуваат развојот на сите општествени сегменти, вложувајќи во одржливи проекти особено во образованието, здравството и инфраструктурата. Тој ги поздрави напорите на државата за унапредување на квалитетот на образованието, а особено се осврна на јакнењето на капацитетите на наставниот кадар, како клучна алка во системот од која најмногу зависи создавањето на добри генерации на ученици.
ТИКА во Северна Македонија е активна 15 години и досега има реализирано десетици инвестиции во изградба на нови или реконструкција на постојни училишни објекти во повеќе општини во државата со граѓани од различна етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

