Македонија
Царовска во Тетово: Во 2020 година пензиите ќе пораснат приближно 900 денари
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сретна со пензионерите од Тетово, со кои разговараше за најавеното зголемување на пензиите, но и за други актуелни прашања поврзани со повозрасната популација.
„Со пензиската реформа, само за една година направивме заштеда во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 3 милијарди денари, а минималната плата порасна 15 отсто, што ни дава право да направиме трето усогласување на пензиите, кое ќе биде законско. Во јануари 2020 година сите пензии ќе пораснат 700 денари и дополнително ќе се усогласат со 160 до 200 денари, со што до крајот на 2020 покачувањето ќе изнесува приближно 900 денари“, рече Царовска.
Министерката истакна дека покачувањето се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата.
Илија Ивановски, заменик-директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, истакна дека пензиите се покачуваат во време кога приходите на Фондот за ПИО се зголемени 10 отсто.
Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, рече дека секој заслужува достоинствен живот и истакна дека дополнителните 700 денари, што ќе ги добијат сите пензионери, ќе значат најмногу токму за пензионерите со минималните пензии, а такви се 44 проценти од вкупниот број пензионери.
На средбата во Тетово присуствуваше и претседателот на тетовското Здружение на пензионерите, Селвер Амети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

