Македонија
Царовска: Годинaва ќе бидат изградени 11 градинки во Македонија
Вкупно 11 нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика. Министерката Мила Царовска денеска ги потпиша договорите со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба (2 градинки).
Со изградбата на градинките капациетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.
Министерката Царовска ги повика општините да конкурираат со квалитетни проекти за изградба на нови градинки, затоа што освен во буџетот на министерството за истата намена на располагање се и уште 15 милиони евра од Светска банка.
„Капиталните инвестиции во детската заштита се и остануваат приоритет на Владата. Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на човекот, затоа посветено работиме на јакнење на капацитетите и стручноста на детските градинки низ цела држава и во руралните и во најодалечените места низ Македонија. Годинава буџетот на МТСП за капитални инвестиции во детската заштита е зголемен за 300 %, дополнително на располагање имаме пари и од Светска банка“, изјави министерката Царовска на средбата со градоначалниците.
Изминатата година, велат од Министерството за труд и социјална политика, опфатот на децата во предучилишно образование е зголемен за 1.959 деца. Од нив 1.209 се државните градинки, додека останатите 750 во приватните објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев за ЗНАМ и Максим Димитриевски: „Максо глуми АСНОМ, а гласаше АСНОМ да биде избришан“
,Сме си ја ставиле главата во торба кога се спротиставивме на УЧКИ, ДУИ, рекетари, мафијаши. Но ние трчаме маратон, нашата борба е долга. Нашите баби ги даваа своите деца, бидејќи немаа пари. Ги пуштаа да бидат партизани и така изградиле држава. Нема да дозволиме УЧК-ите да ни ја земат”, порача Димитар Апасиев од митинг во Охрид.
,,Нашиот народ е борбен народ. Левицата е борбена. Ќе влеземе внатре и тоа ќе го осетат и Таљат, и Таче, и Мицко и сите останати. Со 7, 8, 10 пратеници, ние ќе сме силата што ќе го пасокизира СДС. Вака како што тргнало, со Таче, под 20 ќе паднат”, рече Апасиев.
За ЗНАМ и Максим Димитриевски, Апасиев истакна дека „Максо глуми АСНОМ, а гласаше АСНОМ да биде избришан“!
На митингот во Охрид се обрати и Јована Мојсоска, носител на листа на ИЕ 5 која истакна дека влезот на двајцата пратеници во Собранието покажал како треба да се води вистинска левичарска опција, за разлика од т.н. социјалдемократи кои изминатиот мандат ги распродале сите АСНОМ-ски идеали.
,,Мене ми е малце дегутантно кога слушам дека некој ќе го праќал ДУИ во опозиција. Тие имаа можност да ги пратат ДУИ во опозиција тука во советите, но сите бевме сведоци како се продаваше Мауцер и како локалниот шериф Нефи Усеини гради дивоградби, а градоначалникот молчи. Дури и ја сруши плочата на АСНОМ за која градоначалникот, исто, мудро молчи. Со Левица на власт ќе ја срушиме дивоградбата на Нефи и ќе ја вратиме плочата на АСНОМ”, истакна Мојсоска.
Мојсоска истакна и тоа дека Левица како единствена работничка партија е противтежа на анационалната олигархија која беше креирана во 90 – тите.
,,Нашата борба во Собранието е единствената причина зошто денес немаме Бугари во устав. Да не беше Левица, ние ќе гледавме фашистички клубови во секој град во државата. Ние ниту сме во спрега со моќниците кои се поврзани со секоја власт, ниту сме уценети и затоа нашите политички непријатели знаат дека со нас не се преговара за непринципиелни работи“, истакна Мојсоска.
Додека ја обвинуваат Левица дека е во коалиција со СДС и ДУИ, само против Талат Џафери Левица има поднесено девет тужби кои, како што истакна Мојсоска, се чуваат во фиока.
,,Само ќе спомнам против кои звучни имиња Левица поднела кривична пријава: Шкодране Дардишта, Бенито Јошевски, Артан Груби, Сали Мурати, Оливер Спасовски, Беким Максути и многу други. И Левица ќе биде факторот против бугаризацијата на Уставот додека одродените социјал-демократи ќе завршат на буништето на историјата”, рече Мојсоска.
,,Иако имаше обид од страна на бугарски структури да го воскреснат неофашизмот кај нас со отворање на клубови со фашистички наративи, ние не паднавме во духот. Напротив кога ги отвораа клубовите ,Ванчо Михајлов’ и ,Цар Борис’ се собравме и на бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука. Особено, не по диктат на буржоазијата која купува национален идентитет и историја за ситни пари кои носат крупни гревови. Секогаш сме биле на вистинската страна, секогаш со нашето присуство, каде и да се појавиме, часовите им се избројани”, рече Горан Велевски, кандидат за пратеник во ИЕ5.
Македонија
Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест и низа барања до новата влада
Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што денеска Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Синдикатот бара и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.
Македонија
Променливо облачно и топло, попладне краткотраен пороен дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од четврток до сабота ќе биде во постепено опаѓање.