Македонија
Царовска: Градиме систем во кој никој нема да биде заборавен
Наша цел е да изградиме систем на социјална заштита кој обезбедува квалитетен живот за сите и од кој ќе има бенефит целото општество, а не само поединци. Токму ова е суштината на социјалната реформа, со која им помагаме на над 40.000 граѓани трајно да излезат од сиромаштија, а исто така драстично ја намалуваме и детската сиромаштија, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Цароска, која присуствуваше на настанот за промоција на книгата „Размислувања за социјалните иновации“, посветена на социјалните светски практики.
Во книгата се претставени повеќе од 60 примери за добри практики, меѓу кои е вклучена и социјалната реформа, која во моментот се реализира во Македонија.
„Нудиме трајни решенија, овозможуваме шанса за секого, но истовремено ги третираме и големите општествени проблеми“, изјави Царовска.
Оваа книга е збир на социјални иновации што го истакнуваат нивното значење за разните заедници и целото општество. Нашиот модел, како што се наведува во соопштението од Министерството, е претставен како една од социјалните иновации што се случуваат во светот, заедно со примери од Финска, Исланд, Хрватска, Словенија и други.
Социјалните иновации се дефинираат како барање одговори што ќе придонесат за праведно општество и слободен живот за што повеќе луѓе. Решенијата што произлегуваат од овие иновации го опфаќаат и позитивно се одразуваат на целото општество наместо на поединци.
На тркалезната маса по повод промоцијата на книгата „Размислувања за социјалните иновации“ учествуваа повеќе автори и соработници. Настанот е во организација на Факултетот за образование при Универзитетот во Љубљана. Книгата е редактирана од проф. д-р Славко Габер и д-р Вероника Ташнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

