Македонија
Царовска: За квалитетно образование, инвестираме во инклузивни училишта
По денешната посета на Општината Ѓорче Петров, министерката за образование и наука, Мила Царовска, истакна дека еден од приоритетите на Министерството е вложување во образовната инфраструктура.
Според министерката, покрај квалитетот на наставата, образовната инфраструктура е еден од основните елементи во образовниот процес.
„За таа намена, во буџетот предвидовме средства од 1 милијарда денари, што е два и полпати повеќе од лани и тие ќе се распределат во општините во зависност од приоритетноста на потребите за интервенции што ги имаат пријавено во МОН. Со тоа ќе се подобрат условите за образование на над 100 илјади ученици и студенти, но и условите за работа на наставниот кадар“, рече Царовска.
Инаку, Општината Ѓорче Петров е дел од инвестициската агенда на МОН.
Министерката за време на посетата ја разгледа реализацијата на веќе почнатата изградбата на ОУ „Димитар Поп Ѓеорѓиев – Беровски“ во населбата Хром.
Царовска додаде дека во општина Ѓорче Петров во моментот се реализира и друга поголема инвестиција – доградба на крило во ОУ „Тихомир Милошевски“ во Волково, а преку проектот за изградба на 145 сали во план е и изградба на спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“ во вредност од 22,7 милиона денари, како и замена на покривната конструкција во ОУ „Ѓорче Петров“ во населбата Ѓорче 1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот кон Ќафасан поради сообраќајка
Поради сообраќајна незгода сообраќајот према ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време со температура до 6 степени
Времето ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.

