Македонија
Царовска: Образованието мора да се менува, затоа што сé околу нас се менува
Образовниот систем, исто како и здравствениот и социјалниот, треба да е отпорен на кризи и да продолжи да функционира и во услови на пандемија како што ја имаме сега, бидејќи тоа е од највисок интерес за секое дете, за секој граѓанин, но и за државата. Без квалитетно образование, здравство, социјална и детска заштита, дури и во услови на криза, не можеме да очекуваме раст и развој. Затоа, во овој сегмент од општеството вложувањата на секоја држава треба да се силни, но и навремени. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, која заедно со министри од регионот, учествува на конференцијата „Ново размислување за економски раст“ во Љубљана, Словенија, организирана од меѓународниот Центар за извонредност во финансиите.
Дебатата од која треба да произлезат корисни решенија за унапредување на растот и развојот на државите, но и да се споделат искуствата на земјите во справувањето со предизвиците од кризата со ковид се спроведува во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на капацитетите на министерствата за проценка на фискалните импликации од структурните реформи“.
„Република Северна Македонија покажа во пракса дека со брза реакција на институциите може да се обезбеди континуитет во наставата дури кога тоа ни се чинеше невозможно. Сега, имаме образовен систем кој може веднаш да го менува моделот на настава во согласност со условите што ни ги диктира пандемијата, и на тој начин да одржуваме континуитет во наставата која е од исклучително значење за учениците. Но, што научивме од сето ова? Кризата ни покажа зошто е од витално значење да имаме одржлив резистентен образовен, здравствен и систем на социјална заштита. Да вложуваме во образовна инфраструктура, унапредување на наставниците, нови технологија, материјали за секое дете, дигитализацијата, ИТ-опрема, како и еднаков пристап за секое дете и инклузивност за правичен систем“, рече Царовска.
Министерката посочи дека за првпат на ниво на целото општество постои препознавање и признавање дека образованието и наставниците се витални за државата.
„Вториот клучен сегмент на којшто нè научи кризата, а ние со години го занемарувавме како незначаен се реформите. Образованието мора да се менува, затоа што сé околу нас се менува. Се запрашавме што и како учат децата? И веднаш пристапивме кон нови реформски процеси кои започнавме да ги имплементираме и покрај пандемијата, бидејќи потоа ќе биде доцна. Новите наставни програми се прилагодени на современите текови и за првпат се засноваат на национални стандарди за постигнување од учење. Се засноваат на медиумска писменост, критично мислење, решавање проблеми, а наставниците ни се најважна алка во промените за што воведовме кариерен развој и раст на плати“, рече Царовска.
Министерката додаде дека и во средното образование промените се евидентни. И таму, концептот на дуално образование кој, како што рече, им е добро познат на учесниците на панел-дискусијата, опфати поголем број училишта и ученици и со тоа им се овозможува да стекнуваат вештини кои ги прават добро подготвени за предизвиците на работните места чиј број се зголемува, а за кои кадарот е сé уште дефицитарен.
На настанот се обратија неколку актуелни министри кои раководат со областите на образованието, финансиите и економијата во земјите од регионот, експерти и претставници на Европската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

