Македонија
Царовска на дигитален самит на Западен Балкан: Само со современо и квалитетно образование можеме да постигнеме дигитална трансформација
По повеќе од една и пол година во пандемија, од денешна перспектива можам да кажам дека здравствената криза го забрза значително процесот на дигитализација на образованието и Република Северна Македонија е горда на постигнатите резултати. Спроведуваме постепена трансформација не само во делот на онлајн-наставата туку и во дигитализирање на учебниците и на услугите во образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, за време на четвртиот дигитален самит на Западен Балкан, кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, во рамките на Берлинскиот процес и агендата за заеднички регионален пазар за Западен Балкан, а чија организација е поддржана од Регионалниот совет за соработка.
„Јасно е дека дигитализацијата не е само тренд, туку огромна потреба. Држава што не вложува во овој процес ризикува да остане со години во борбата и натпреварот за подобри услови за живеење на граѓаните во однос на другите држави што посветуваат внимание на овој сегмент“, потенцира Царовска додавајќи дека процесот на дигитализација на образованието во Северна Македонија уште повеќе ќе се интензивира првенствено во интерес на учениците и студентите.
Во своето обраќање на самитот Царовска рече дека минатата учебна година имавме успешна настава со хибриден модел, кој вклучи и онлајн-настава, што континуирано се надградуваше и се подигнуваше нејзиниот квалитет.
„На крајот од минатата учебна година сеопфатно истражување на УНИЦЕФ покажа исклучителен напредок и подигнување на задоволството кај сите учесници и засегнати страни во онлајн-наставата. Според истражувањето на УНИЦЕФ, дури 98 % од наставниците држеле интерактивна онлајн-настава, 100 % од учениците одговориле дека наставата е според планираниот распоред, а 80 % од вкупниот број родители/старатели на учениците изразиле задоволство од нејзиниот квалитет. Сепак, според министерката, онлајн-наставата е само еден сегмент од процесот на дигитализација на образованието“, истакна таа.
Царовска на самитот истакна дека процесот на дигитализација се води во партнерска соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и силна поддршка од МАСИТ.
„Во периодот додека трае пандемијата дигитализирани се многу од услугите што ги нуди Министерството за образование и наука, како аплицирањето за стипендии, за сместување во ученички и студентски домови, за нострификација на дипломи, за остварување низа други права во областа на образованието, за уписи во прво одделение и слично“, истакна Царовска.
Министерката посочи дека освен што се дигитализирани материјалите за учење, набавени се таблет-уреди за учениците од четврто одделение, кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, а училиштата во кои недостигаа ги обезбедивме со интерактивни табли и друга неопходна опрема.
„Пред тоа креиравме единствена национална платформа за далечинско учење“, информира Царовска додавајќи дека иако на почетокот реформата наиде на отпор кај дел од јавноста, сега веќе промените се широко прифатени затоа што сите ја примија пораката за важноста и вредноста на дигитализацијата.
Оваа година дигиталниот самит се фокусира на четири теми – дигитална економија, дигитални вештини и знаења, дигитална инфраструктура и поврзаност и доверливост и безбедност. Од учесниците се очекува размена на добри пракси, поттикнување развој и исполнување на дигиталната агенда, дефинирање на идните правци и истражување на можните партнерства со приватниот сектор во контекст на процесот на дигиталната трансформација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

