Македонија
Царовска на средба со основниците кои освоија медали на Балканската олимпијада по математика: Вие сте наша гордост
Младите математичари се наша гордост. Медалите се заслужена награда за нивното посветено учење и желбата секој ден да откриваат сè повеќе од чудесниот свет на математиката. Тоа ве вброи меѓу најдобрите на Балканот, сите се радуваме со вашиот успех, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, на средбата со учениците кои освоија златен, сребрен и два бронзени медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада.
„Државите кои имаат вакви умови треба да се горди, но истовремено и да вложуваат во нивниот развој, затоа што младите научници се тие кои државата ја движат напред. Ги охрабруваме сите ученици да вложуваат во себе и во своето знаење, затоа што времиња како ова сега ја покажуваат важноста на науката. Како Министерство за образование и наука ќе направиме сè да им помогнеме на младите во остварувањето на нивните цели“, им рече Царовска.
Младите натпреварувачи од нашата земја учествуваа на олимпијадата за ученици до 15,5 години, каде виртуелен домаќин беше Грција, односно Грчкото математичко друштво.
Нашата екипа беше избрана преку систем на натпревари, кои секоја година ги реализира Сојузот на математичари на Македонија.
Во македонската екипа беа Дамјан Давков ученик од VII одделение при ООУ „Ванчо Прке“- Штип, Никола Спировски ученик од IX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци“ – Скопје, Марија Атанасова ученичка од IX одделение при ООУ „11 Октомври“ – Скопје, Матеј Гелев ученик од IX одделение при ООУ „Блаже Конески“-Велес, Никола Цветаноски ученик од IX одделение при ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје и Емилија Николовска ученичка од IX одделение при ООУ „Григор Прличев“ – Охрид. Водач беше Делчо Лешковски, а заменик-водач Борче Јошевски.
Освојувачи на медалите во конкуренција на ученици од 10 балкански држави и 8 други држави гости, се: Никола Спировски – златен медал, Дамјан Давков – сребрен медал, Никола Цветаноски – бронзен медал и Марија Атанасова – бронзен медал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

