Македонија
Царовска: Нема повеќе деца до три години во институциите во земјата
Со денешното отворање на петте мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го почна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и 27-те деца се веќе преселени во објекти што личат на топол семеен дом. Ниту едно дете до тригодишна возраст повеќе не живее во институциите во Северна Македонија.
„Навистина ми е драго што денеска токму од Битола можам да ја споделам оваа убава вест и уште еднаш да ја потврдам заложбата на Владата дека секое дете ни е важно и треба да има еднаков почеток во животот, да ги добие потребното внимание, грижа и љубов. Процесот на вадење на сите деца од институциите ќе го завршиме една година порано од предвидениот рок. Во 2017, кога го почнавме процесот, имавме 180 деца во институциите. Сега ни останаа само уште 11 деца постари од три години и тие до крајот на годината ќе бидат исто така згрижени во топол дом. Грижата за децата ја продолжуваме со многу поголема посветеност и љубов бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на децата“, изјави министерката Царовска на отворањето на еден од петте мали групни домови во Битола.
Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галуеј, истакна дека процесот на деинституционализација докажува дека со правилна посветеност можеме да изградиме позитивно и инклузивно општество базирано на вредности.
„Овој процес е дел од целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите за социјална кохезија и прифаќање на различностите во Северна Македонија. Во Битола ова е четврта по ред институција што ги деинституционализира децата од големите установи. Тоа е голем напредк во заложбите на Владата да стави крај на институционалната грижа за деца под 18 години до крајот на 2020 година“, рече Галуеј.
Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, истакна дека посветеноста на Владата е клучна во успехот на оваа реформа.
„Децата се биолошки програмирани уште од раѓање да воспостават однос со родител или старател кој ќе обезбеди заштита, нега и љубов. Кога ова отсуствува, има длабоки последици врз благосостојбата на детето. Затоа, ниедна друга одлука на Владата нема поголемо влијание врз животот на една личност од одлуката за тоа што ќе прави со дете што нема родителска грижа. Честитки до Владата за оваа историска реформа – првпат во поновата историја нема ниедно бебе или дете под три години сместено во голема институција. Но, за да се одржи успехот на оваа реформа, ќе бидат потребни постојана заложба и средства“, рече Перкс.
Директорката на „Мајчин дом“, Елена Николовска, истакна дека во моментот се згрижени 27 деца и за нив 24-часовна грижа и поддршка ќе обезбедуваат 30 негуватели и 4 стручни работници. Ниту едно лице не остана без работа, туку, напротив, бројот на вработени ќе се зголемува.
„Овој облик на грижа не значи само поквалитетни просторни и физички услови во кои живеат децата. Уште посуштински, работата во групниот дом ќе им овозможи на колегите индивидуален пристап кон секое дете во согласност со неговите желби и потреби. Личната интензивна интеракција и посветеноста на вработените ќе го поттикнат развојот и растот на нашите деца и ќе им обезбедат еднаква основа за успех во животот како на сите други деца што растат во семејна средина“, изјави Николовска.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, го поздрави процесот на деинституционализација и истакна дека дел од поранешниот дом за доенчиња ќе биде пренаменет во детска градинка.
„Денес е сончев ден за Битола затоа што се згрижува една ранлива категорија. Особено им се заблагодарувам на Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, британската амбасада и вработените во Домот за деца без родители. Особено му се заблагодарувам на Министерството, кое ни отстапува дел од Домот за да може да биде искористен за детска градинка. Капацитетите за градинки ни се и тоа како потребни во овој период“, изјави Петровска.
Домот во Битола не се затвора, се трансформира во давател на нови, современи социјални услуги. На почетокот од 2020 година ќе почне да функционира регионален центар за поддршка на згрижувачките семејства, како и други услуги предвидени со Законот за социјалната заштита.
Со последите 5 мали групни дома во Битола во Северна Македонија се отворени вкупно 17 мали групни дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тим на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со поранешни амбасадори, презентирана платформа 1198 и побарана поддршка
Тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Тимчо Муцунски се сретна со поранешни амбасадори, пришто беше презентирана платформата 1198 и побарана поддршка.
Пратеничката Иванка Василевска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека таа, Муцунски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски и меѓународниот секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тодор Конески се сретнале со поранешните амбасадори и конзули Н.Е. Василка Треневска, Томи Димитровски, Веле Трпевски, Оливер Шамбевски и Драган Ѓурковски.
„Во разговорот им ја претставивме нашата визија преточена во #платформа1198 и побаравме поддршка за следните активности на полето на дипломатијата и меѓународните односи.
Помеѓу другото се заложивме дека клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Исто така, заклучивме дека нашите надворешно-политички приоритети треба да се засноваат врз принципите на рамноправност, заемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет. Нашиот интерес е да градиме национално единство по клучните прашања“, објави Василевска.
Македонија
Буневски од ЗНАМ: Производството на сопствена храна, вода и енергија е приоритет
Денеска беше промовиран дел од Програмата за земјоделство и производство на храна од Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
За мерките пред новинарите зборуваше професорот Ѓоко Буневски, кој рече дека Македонија е традиционално аграрна земја, со учество на земјоделството во бруто-домашниот производ од околу 10 проценти, односно, заедно со преработувачката индустрија 12-15 проценти и е на третото место, после индустрискиот сектор и услугите.
„Во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаме преку 40 предлог мерки за подобрување на секторот производство на храна, но тука ќе ги истакнеме само поважните: – Воведување забрана за пренамена на земјоделско земјиште од прва. до трета категорија за друга намена, освен за производство на храна. – Приоритетно доделување земјоделско земјиште на локалните фармери, а не на странски инвеститори. Локалните фармери мора да имаат приоритет при доделувањето земјоделско земјиште. – Форсирање на синџирот “од нива до трпеза”. – Субвенционирање по предадени земјоделските култури по загарантирана откупна цена“, рече Буневски.
Тој додаде дека сме сведоци на состојбата каде земјоделските производи се откупуваат од земјоделците и под нивната производна цена, што го прави производството на храна непрофитабилно и неконкурентно.
„Токму затоа, рече тој, – сметаме дека е многу важно за развојот на оваа гранка да се обезбеди откуп по загарантирани цени“.
Буневски потенцира дека покрај овие мерки, Движењето ЗНАМ ќе се заложи да се зголемат субвенциите во земјоделството барем на ниво на соседните земји, а буџетот од сегашните 160-180 милиони евра да се реорганизира и да се воведат нови мерки за субвенционирање. Исто така, тој рече дека ќе предложат мерки за да се намали, па дури и запре напуштањето на селото и земјоделството, особено со поголеми стимулирања на млади фармери, на жените фармери, како и поголеми погодности за отворање бизнис во овие средини. Како што рече Буневски, ќе се обрне големо внимание на мерките за подобрувањње на квалитетот на храната, а ќе се подобри и степенот на советодавни услуги за земјодлеците, а особено за современите технологии и иновации во секторот, Професор Буневски потенцира дека многу важен сегмент е брендирањето на традиционалните производи и производи со познато географско потекло и рече дека во момментот 160 производи чекаат и стојат во фиока.
Како мерка која треба да се воведе, е и заштитата на генетските ресурси во растителното и сточарското производство. Исто така за да може да се подобри севкупната ситуација во овој сектор Буневски рече дека ЗНАМ ќе воведе стипендирање на деца од земјоделски земејства на земјоделските школи и факултети. „Земјоделството бара долгогодишна стратегија, а не брзи политички инстант решенија, која политичка партија доаѓа на власт, како од неа да почнува се. Производство на своја храна, вода и енергија е приоритет на секоја земја. Затоа сметаме дека е неопходно да дадеме максимум за земјоделството, максимум за Македонија“, рече Буневски
Македонија
Мицкоски: Потребна е масовна излезност на 8 мај за да ги пратиме во опозиција ДУИ кои ја ограбуваат и ја ставаат Македонија на колена
Овој резултат од 24 април е и одговорност. Се што зборуваме треба и да примениме. Народот очекува и убеден сум дека во овие нешто повеќе од 10 дена народот ќе се приклучи, народот е обединет и сака промени и брзи резултати, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Росоман.
Мицкоски информираше дека како коалиција внимателно е пристапено во креирање на програмата.
„Внимаваме што ќе ветуваме, не сакаме да ветуваме нешто што не може да се реализира, не сакаме народот да ја губи надежта. Си дадовме збор дека програмата ќе ја ревидираме за две години. Нема скандал за повеќе од две години во работата на градоначалниците. Затоа можам да кажам дека поучени од ова искуство имајќи во предвид дека најголем дел од проектите се веќе реализирани одлучивме по две години да направиме ревизија и на оваа програма. Сметаме дека можеме повеќе, ама не сакаме да ве разочараме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека сега треба максимална мобилизација бидејќи како што рече „нема да остават да биде едноставно, мора да добиеме мнозинство во парламентот, да имаме наш претседател и заедно со градоначалниците да направиме трансформација на Македонија“, изјави Мицкоски.
Според него за ова треба масовност.
„Има центри на моќ кои не сакаат да ја видат успешна Македонија, имаме такви и тие беа клучен фактор до сега беа и во Владата, и тука мислам на ДУИ и Али Ахмети, тој сака да ја види осиромашена Македонија и слично. Тие не сакаат да ја видат успешна Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека овие избори се шанса криминалците да ги пратиме во опозиција.
„И ова го зборам само поради криминалот, не го зборам за ДУИ затоа што се Албанци, не, туку поради криминалот. Јас ја повикав опозицијата кај Албанците да се бориме заедно. Јас се борам против ДУИ кои ја ограбуваат и на колена ја ставаат Македонија“, заклучи Мицкоски.