Македонија
Царовска: Опфатот на деца во градинките е низок, во минатото лажно се отворале градинки
Опфатот на деца во детските градинки во нашата држава е низок, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која присуствуваше на предавањето во употреба на новата детската градинка во ООУ „Рамо Левката“ во Прилеп.
„Децата на возраст од 0 до 6 години опфатени се само со 29 проценти, а нешто поголем, 35 отсто, изнесува опфатот на деца од 3 до 6-годишна возраст. Нашата интенција е овој број да се зголеми, да се прошири капацитетот на предучилишното образование во државата, со цел што повеќе деца да имаат пристап. Руралните средини, одредени региони, има општини каде што нема ниту еден објект и тоа е така затоа што не сме се грижеле овој капацитет да стане реалност. Токму тоа го правиме – општините аплицираат, очекуваме дека 50 проценти ќе го зголемиме бројот на деца во градинките“, изјави Царовска.
Таа потенцира дека системот за детска заштита со години бил запуштен, дека се отворале градинки, кои всушност не се отворале. Како што истакна министерката, постоеле фотографии кои кажуваат како претходниот градоначалник се сликал во истата таа градинка, иако таа се отвора денеска, и тоа по многу технички интервенции направени од страна на новиот градоначалник Илија Јованоски.

Во изминатиот период во градинките во Република Македонија отворени се 500 нови работни места, а приоритет на Владата ќе биде, како што рече Царовска, изградба на градинки во руралните средини.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, изјави дека го радува тоа што во Прилеп ќе се намали бројот на деца што чекаат да бидат примени во детска градинка.
„Заедно со Министерството за труд и социјална политика интензивно работевме во изминатите неколку месеци за да се опреми оваа градинка со инвентар и кадар и мислам дека сите треба да бидеме задоволни од она што денеска го имаме. Идните основци кои ќе почнат да одат на училиште, овде ќе се социјализираат и ќе бидат спремни за на училиште. Со години недостигот на градинки, особено последниве десетина, е огромен. Затоа, со Министерството се заложивме да се изгради оваа градинка во која ќе бидат згрижени стотина деца, а на ред чекаат уште 400“, изјави градоначалникот Јованоски на денешното предавање на новата детска градинка.
Јованоски напомена дека во тек е постапка за изработка на проектна документација за изградба на градинка во населбата Точила, а се вршат подготовки за отворање уште една во тутунскиот комбинат. Исто така, градоначалникот најави дека кај две компании од градот постои интерес за отворање градинки, пред сè, за потребите на своите вработени, што ќе придонесе за ублажување на проблемот.

Орце Тодороски, в.д. директор на ЈОУ за деца Детска градинка „Наша иднина“, рече дека во употреба се предава една од најсовремените градинки не само во Прилеп туку и во Република Македонија. Во градинката ќе бидат згрижени 100-ина деца, со што бројот на незапишани ќе се намали од 500 на 400.
„Воспитно-образовниот процес во градинките ни е најважен, но и хигиенско-техничкиот и социо-економскиот се многу важни за Прилеп. Денеска се реализирани 12 нови вработувања со решенија на неопределено работно време, а претходниот месец по разни основи решенија добија 18 лица“, истакна Тодороски.
Во општина Прилеп функционираат 11 градинки, од кои 6 се во градот, 5 во населените места, во кои се згрижени 1.200 деца. Во ЈОУ за деца Детска градинка „Наша иднина“ вработени се 146 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на минатата недела отстранети 𝟨𝟣𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

„Приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад беа отстранети од улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Воедно, Претпријатието продолжува со секојдневно одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.




Македонија
„Али Ахмети чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник, Артан Груби знае премногу“, велат од ВЛЕН
„Стариот лисец Али Ахмети од вчера, од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник. Црната кутија на владеењето на ДУИ се стави на располагање на правдата. Вистината неизбежно ќе почне да излегува на површина“, велат од ВЛЕН.
„Артан Груби не беше обичен функционер. Тој беше извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години. Од задкулисни договори, преку сомнителни тендери, до политички пазари, Груби беше присутен секаде каде што се кроеше моќта на ДУИ. Затоа денес не станува збор само за индивидуална одговорност, туку за систем што почнува да се расплетува.
Во ДУИ знаат зошто владее паника. Стравот не е од правдата, туку од тоа што Артан Груби знае премногу. Тој е сведок на сите матни зделки, на сите политички конструкции и на сите договори кои со години се правеле на штета на граѓаните. Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Поентата е дека институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше, како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите.
По катастрофалниот пораз на локалните избори и по распадот на лажните ветувања за предвремени избори и „сигурен“ влез во Влада, ДУИ се соочува со најтешкиот момент во своето постоење.
Враќањето на Груби не е крај на процесот. Тоа е почеток. Почеток на расплет кој може да доведе до целосно разобличување на начинот на кој функционираше ДУИ. Прашањето повеќе не е дали ќе има политички последици, туку колку длабоки ќе бидат тие.
Ако црната кутија е Груби, тогаш нејзиното преслушување значи директен удар врз Али Ахмети. И додека јавноста очекува правда, останува да се види кој сè ќе мора да понесе одговорност во деновите што следуваат. Од денес, ДУИ веќе не ја контролира приказната, приказната почнува да ја контролира ДУИ“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Штедачите на Еуростандард банка: Пет и пол години од пропаѓањето на банката, случајот сè уште нема судска разрешница
Поминаа повеќе од Голем број граѓани и компании останаа без своите заштеди и деловни средства, додека постапката што ја водат надлежните институции останува без јавно објавен епилог, реагираат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Истрагата, како што велат, отворена во февруари 2021 година, е насочена кон поранешни највисоки раководни лица на банката, односно членови на надзорните и управните структури и лица одговорни за кредитната политика и носењето на клучните финансиски одлуки.
„Според информациите што досега беа објавени во јавноста, предмет на истражување се сомнежи за незаконско и високо ризично кредитирање на компании, воспоставување систем на меѓусебни позајмици со цел прикривање на реалната изложеност, измама и злоупотреба на службена положба, како и елементи на перење пари и други финансиски малверзации поврзани со управувањето на банката во периодот пред нејзиниот колапс.
И покрај сериозноста на наводите и обемот на штетата, по повеќе од пет години нема поднесено обвинение ниту започната судска постапка. Овој застој отвора прашања за ефикасноста на институциите и за примената на принципот на еднаквост пред законот, особено кога станува збор за случаи со големи финансиски импликации и јавен интерес“.
Оштетените граѓани и компании, додаваат од здружението, имаат право на транспарентна и правична постапка, како и на јасен одговор дали и кога ќе се утврди кривична одговорност.
Според нив, владеењето на правото подразбира дека секое сериозно сомневање за криминал мора да биде процесуирано навремено и непристрасно, без оглед на позицијата на оние кои биле дел од раководните структури.
„Секој дополнителен ден без институционална одлука ја продлабочува перцепцијата дека постојат двојни стандарди во примената на законот. За да се врати довербата во системот, неопходни се транспарентност, отчетност и навремена правна разрешница“.

