Македонија
Царовска со највлијателните македонски научници: Заеднички работиме на унапредување на нашата наука
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, се сретна со научниците кои се меѓу најцитираните и највлијателни 2% на светско ниво. Шестмина македонски научници се најдоа на листата на топ најцитирани и највлијателни научници од сите области, публикувана од Универзитетот Стенфорд oд САД за 2020 година.
Станува збор за претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, членот на МАНУ Леонид Грчев, професорот Валентин Мирчески од Институт за хемија при ПМФ Скопје, професорот Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и пензионираните професори Иван Грозданов и Трајче Стафилов, двајцата од Институт за хемија при ПМФ Скопје. На листата е и професор Ратко Јанев, член на МАНУ, кој, за жал, почина пред една година.
Ова е огромен успех за нашата земја и за нашата наука. Посакувам оваа значителна бројка на реномирани и влијателни наши научници уште повеќе да се зголемува. Убедена сум дека заеднички ќе работиме да ги унапредиме и подобриме условите за развој на научноистражувачката дејност“, рече министерката Царовска.
Министерката и научниците на состанокот разговараа за планско и континуирано обезбедување средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финансирање.
„Од годинава за првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност“, истакна Царовска.
На состанокот беше договорено заеднички да се дефинираат предлог-критериуми за воспоставување на Центри за извонредност, како и предлог-критериуми за финансирање на националните истражувачки проекти во 2021 година, со цел да се поттикнат научноистражувачката работа и вложувањата во науката.
Министерството за образование и наука од идната година воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научноистражувачка дејност.
Листата на најдобрите 2% светски научници за 2020 година е резултат на опсежни анализи на научниците од Универзитетот Стенфорд, за чие формирање се анализирани голем број релевантни индикатори, како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

