Македонија
Царовска со порака до студентите – Се трудиме да го подобриме стандардот и да ве задржиме тука
Грижата и посветеноста на државата кон младите влијае на нивното задоволство и желбата да се реализираат како личности во својата земја и да придонесат за нејзиниот севкупен општествено-економски напредок. Како Влада сме свесни за ова и затоа се трудиме континуирано да го унапредуваме ученичкиот и студентскиот стандард, да отвораме добро платени работни места и да ве задржиме, тука да ги остварите сите свои идеи и поставени животни цели. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, за време на денешната средба со студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на која се разговараше за тековните активности и идните планови на МОН врзани за унапредување на студентскиот стандард.
Министерката истакна дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение кое било дел од програмата за работа на Владата и е веќе во фаза на реализација. Аплицирањето е во тек и секој студент во државата кој ќе ги исполни условите од јавниот повик ќе добие по 2.400 денари за 9 месеци во годината кои ќе можат да се искористат кај кој било трговец. Како што рече, според направените проценки се работи за околу 40.000 студенти кои ќе го остварат ова право, за што МОН обезбеди буџет од околу 15 милиони евра.
„Верувам дека нема незадоволни студенти од оваа мерка, бидејќи сепак ќе придонесе да се зголеми финансиската стабилност и секој ќе може да го оствари своето право на здрав и квалитетен оброк“, рече Царовска.
По однос на промените во политиката на стипендирање ученици и студенти, министерката рече дека имаат за цел младите навистина да ја почувствуваат поддршката што ја добиваат од државата.
„Ја зголемуваме понудата на стипендии преку воведување низа нови категории, практично доделуваме 25 различни видови стипендии и, најважно, ги зголемуваме износите на некои од постојните дури речиси двојно, што досега не се случило“, нагласи Царовска, додавајќи дека сите ученички стипендии кои до минатата година изнесуваа под 2.000 денари месечно, сега се зголемуваат на 3.500 денари, додека студентските се зголемуваат на 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студенти запишани на математика, хемија и физика, кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно.
На средбата со студентите, Царовска информираше и за можностите за стипендирање на втор и трет циклус на студии во државата.
„Чест ми е да соопштам дека во новата академска годин, за првпат воведуваме и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината. Конкурсите се објавени предвреме за сите да имате доволен период за обезбедување на потребната документација и во соодветните рокови да аплицирате и да го остварите своето право“, истакна министерката.
Покрај Царовска, на средбата учествуваше и ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Абдулменаф Беџети, како и заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани, кој рече дека младите се вклучени во креирањето на политиките, мерките и проектите на министерството, преку посебна работна група МОН-Млади и дека е задоволен што младите покажуваат проактивност за заедничко работење и придонес во дефинирањето на приоритетите на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

