Македонија
Црвенковска од Судски која остана без интернет: Немаше точка за одговорност на Енвер Беџети, а и со мене немаше кворум за изземање на Дамева од комисијата
Немаше точка за одговорност на судијата Енвер Беџети кој го држеше предметот „Таргет-тврдина“ во фиока, а ниту со нејзиниот глас немало да има кворум на последната седница, тврди експретседателката и член на Судскиот совет, Павлина Црвенковска за „Макфакс“. Таа посочува дека требало само да се одлучува по барањето за изземање на Весна Дамева од комисијата која ќе утврдува дали апелациониот судија сторил незаконско постапување. Според нејзе, има цела процедура која треба да се испочитува, пред да се донесе одлука дали кај Беџети има одговорност.
„Не знам зошто изминативе денови се пласира тезата дека со тоа што јас сум се исклучила, немало кворум. Ни со мојот глас, немаше да има повторно кворум. Бидејќи, точка на дневен ред беше изземање на Весна Дамева од комисијата која одлучува за Енвер Беџети. Воопшто не беше точка на дневен ред разрешување на Енвер Беџети, ниту постапка за Енвер Беџети или било што“, посочува Црвенковска за „Макфакс“.
Таа додава дека и со нејзиниот глас – кворум немало да има. Посочува дека е точно дека се исклучила од онлајн врската поради проблеми со интернет конекцијата – но тоа не било ниту намерно, ниту тенденциозно. За кворум се потребни најмалку осум гласови. Во моментот на гласање, членовите Мирсад Суроји и Весна Дамева биле на одмор, како што била Црвенковска – што значи дека имало три гласа помалку. За предлогот не смее да гласа ниту поднесителот на барањето. Изземен е и експотпретседателот Селим Адеми, што значи дека и тој не може да гласа. Остануваат шест гласови – а со нив, кворум – нема.
„Се вклучив бидејќи ме замолија да се вклучам од одмор. Останаа само шест гласови, а со шест гласови нема кворум. Јас навистина бев во камп каде интернетот е горе-долу. Додека траеше седницата се исклучив. Не е дека јас сум се исклучила тенденциозно или намерно кога беше точката за изземање на член на Судски совет, по барање за изземање од комисијата за Енвер Беџети“, додаде Црвенковска.
Таа ја објасни и процедурата која треба да се помине пред да се утврди одговорност кај судија. Посочува дека тоа не требало да се направи на седницата каде била онлајн, па и снемало интернет.
„Прво се формира комисија, па таа испраќа до Енвер Беџети, па потоа ќе одржи расправа, па ќе донесе одлука, па има право на жалба до Врховен суд, па потоа станува правосилна. А на таа седница, отворете го дневниот ред и видете – немаше точка за разрешување на Енвер Беџети, оти немавме комисија (во периодот кога се разрешуваше Весна Дамева). Всушност, не го ставаше на дневен ред формирањето на комисијата. Новиот претседател ја продолжи седницата со дневниот ред кој го состави Весна Дамева. Пред да ја продолжи, одлучивме едногласно да биде проширен дневниот ред со точка за формирање комисија за Енвер Беџети. Новиот претседател ја формираше комисијата“, додаде експретседателката и член на Судски совет.
Утре во полн состав, Судскиот совет треба да има кворум без подносителот и изземениот член. Кога ќе се одлучи по барањето за изземање на Дамева, ќе има избор на нов член во комисијата. Оттука, комисијата почнува да работи.
„Тогаш комисијата доставува сѐ што има до Енвер Беџети. Тој се произнесува. Се закажува расправа. Потоа комисијата поднесува извештајот до Судски совет. Судски совет одлучува дали ќе продолжи постапката, дали ќе запре, што и како ќе биде“, додаде Црвенковска.
Енвер Беџети, еден од петте судии кои одлучија „Таргет-тврдина“ да се суди одново, со тоа го ослободија Сашо Мијалков. Додека предметот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување бил држен во фиоката на Апелациониот суд, судии од судечкиот совет си учествувале во комисии, оделе на одмори, користеле боледувања. Енвер Беџети, судија известител за предметот „Таргет-тврдина“ не дал образложение колку време користел боледување, причина поради која се одолговлекувало одлучувањето.
На судијата Енвер Беџети ова не му е прво одлучување во корист на Мијалков. Тој пред повеќе од една година, беше дел од советот кој го пушти ексдиректорот на УБК на слобода, укинувајќи му го притворот за „Трезор“. Одлуката ја донесоа откако Мијалков претходно беше во бегство, односно недостапен за органите на прогонот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.

