Македонија
ЦУК: Тимовите храбри пожарникари и пилоти дејствуваат сега и веднаш врз големиот пожар меѓу Лозово и Велес, иако од утре се најавуваат врнежи од дожд и студено време
На почетокот на денот пожарот на отворен простор помеѓу селата Иванковци и Мамутчево во општина Велес и кај с. Милино во општина Лозово се разгоре. Поради временските услови, конкретно силен ветер, тој се проширува и зафати делови од боровата шума во тој реон. Градоначалникот на општина Лозово, Бошко Цветковски, кој е на терен заедно со тимовите за гаснење на големиот пожар, преку единствениот број за итни повици 112 во ЦУК побара ангажирање авиони за гаснење на пожарот.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, веднаш при координацијата за гаснење на пожарот меѓу Лозово и Велес даде насоки за упатување еден хеликоптер „бел“ од МВР за гаснење на таа локација по хеликоптерскиот ангажман и дејството врз пожарот кај с. Кондово, Скопско. Ангелов информира дека истовремено при координацијата дал насоки за да полетаат и двата противпожарни авиона „ер трактор“ од ДЗС, кои веќе дејствуваат на теренот.
„Конкретно, во Регионалниот ЦУК Велес пожарникарите на ТППЕ Велес дејствуваат од вчера врз пожарот на отворен простор помеѓу селата Иванковци и Мамутчево во општина Велес и кај с. Милино во општина Лозово. На терен дејствувале 17 пожарникари со четири ПП-возила од ТППЕ Велес, од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Бабуна“ од Велес дејствува екипа од пет вработени со едно теренско возило, а од страната на Свети Николе дејствува една екипа од 5 пожарникари со теренско возило од ТППЕ Св. Николе, со тим од 4 вработени од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шумарство“ од Свети Николе.
Денеска, временските услови сè уште се во прилог на пожарите, а силниот ветер ги разгорува и тимовите храбри пожарникари и пилоти од повеќе институции од Системот за управување со кризи (ЦУК) имаат сè уште полни раце работа и мора да дејствуваат како и што дејствуваат, сега и веднаш, иако од утре се најавуваат врнежи од дожд и студено време од УХМР. Едноставно, денешните сериозни пожари што сè уште горат во земјата не ги засега утрешната најава за дожд. Конкретно, под влијание на влажен и студен бран утре времето се предвидува дека ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, особено во западните делови (над 20 l/m2), а дневната температура утре ќе биде во интервал од 9 до 15 степени. За очекување е дека од утре пожарите значително ќе намалат во нашата земја“, информираат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

