Македонија
ЦУК: Четири активни пожари, хеликоптер на МВР го гаси пожарот кај Кондово
Во текот на вчерашниот неделен ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), добиени од институциите на Системот за управување со кризи (СУК), противпожарните тимови интервенирале на 52 пожари на отворен простор, некаде заеднички – здружени од повеќе општини и институции, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, велат од ЦУК.
Утрово, активни се четири пожари на отворено.
Во општина Македонски Брод, во пределот над село Белица, гори ретка борова шума на тешко пристапен терен, во општина Велес, меѓу село Иванковци и село Мамутчево, горела борова шума.
Во општина Сарај, кај село Кондово, гори ниска вегетација, стрниште и мешана шума, огнот се прошири. Утрово веќе полета еден хеликоптер на МВР да гасне и тој веќе дејствува, а истовремено, според извидувањето од воздух, ќе биде проценето дали ќе се дејствува и со други воздухоплови, иако пожарникарите од земја го ставија утрово под контрола и нема загрозени населени места, велат од ЦУК.
„Конкретно, пожарот, вчера, во 14.17 часот, е пријавен, а пожарникарите од БППЗ на Град Скопје беа веднаш излезени и дејствуваа на терен со две возила и пет пожарникари. Попладне, по проширувањето на пожарот околу 16.35 часот, е побарана воздушна поддршка, но во тој момент повеќе немаше дежурни хеликоптери во МВР, ниту противпожарни авиони ‘ер трактор’ на ДЗС. Пожарникарите беа на терен, а по полноќ, во 1.25 минути, директорот на ЦУК, Ангелов, информира дека сè уште горат трева и грмушки, во секој момент се очекувало вечерта огнот да навлезе и во борова шума. Пожарникарите немаа пристап до огнот со своите противпожарни возила, но беа распоредени на позиција од која можеа да ги заштитат куќите. Рано наутро во зависност од условите беше планирано да бидат упатени два полициски хеликоптера со ведра за гаснење. Инаку, четири екипи на БППЗ сè уште се на терен и работат на гаснење на пожарот. Нема загрозени населени места. Според планот, ако вечерва не биде изгаснат, наутро ќе се ангажираат авиони најрано што може во согласност со можности на ДЗС и МВР, утрово веќе еден хеликоптер полета за да гасне. Инаку, пожарот е утрово под делумна контрола, па по дејството на ангажираниот хеликоптер и неговото извидување ќе се процени дали има потреба од ангажирање и други хеликоптери“, додаваат од ЦУК.
И во општина Куманово сè уште е активен пожарот кај село Шупли Камен, што во неколку наврати е повторно активиран, каде што гори ниска вегетација и стрниште.
Изгаснатите 48 пожари од 52 вкупно се на територијата на целата земја, конкретно во општините: Петровец, Бутел, Студеничани, Илинден, Кисела Вода, Арачиново, Шуто Оризари, Аеродром, Сарај, Крушево, Битола, Прилеп, Василево, Босилово, Радовиш, Охрид, Кичево, Тетово, Гостивар, Велес, Штип, Кочани, Куманово, Старо Нагоричане и во општина Ранковце.
Најмногу пожари имало во општина Куманово, вкупно шест, каде што горела ниска вегетација и стрништа: кај село Тромеѓа, село Лојане, село Романовце, село Пчиња и кај село Ново Село – пет изгаснати, а шестиот пожар, кој е сè уште активен, е кај село Шупли Камен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.