Македонија
„Чесни и домаќини“, рече Бектеши за Слупчане, каде што се краде 80 отсто струја, а се наплаќа 20 проценти
Чесни и домаќини. Вака министерот за економија, Крешник Бектеши, ги опиша жителите на Слупчане, за каде што ЕВН тврди дека загубите на струја се 80 отсто, а наплатата е 20 проценти. Министерот рече дека не треба никој да се меша меѓу преговорите на ЕВН и Слупчане, чии жители побараа простување на долговите и сметки што не смее да надминат 3.000 денари месечно од семејство.
„Да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија. Да ја гледаме големата слика за намалување на загубите. Тие се чесни и домаќини, преземаат обврски и даваат придонес, поголем од ВМРО-ДПМНЕ. Поголеми патриоти се од нив…“, рече Бектеши.
Топката за струјата Бектеши ја префрли кај ВМРО-ДПМНЕ и општините со кои раководат нивни градоначалници. Го интересира и: „Дополнително, да направат вештачење колку им чинат сликите и лустерите во нивната бела палата и да направиме споредба колку може да биде загубата?“
„Да проверат со своите градоначалници и директори во јавните претпријатија дали сѐ уште злоупотребуваат со регулираниот пазар, кои прават поголема штета отколку што може да направи одредено село или семејство“, рече Бектеши.
Им порача и да не се замараат со Слупчане.
„Ние пред една година кажавме како се злоупотребува регулираниот пазар, кој и сега има голема разлика во цената со слободниот пазар. Комуналната дејност во согласност со Законот за комуналната дејност е обврска на Општината, а тоа не може да се префрли со одлука на Советот на фирми што тие ги основаат, кои се под 50 вработени и да плаќаат како секое домаќинство. Тоа е поголема злоупотреба и во сума на пари, но и законска од тоа што лиферуваат и изнесуваат лажни вести. Проверете дали злоупотребуваат уште енергија или не, а не да се замараат со разговори на приватни фирми со нивни потрошувачи“, додаде Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

