Македонија
Чулев: Жители на Синѓелиќ го прекршија полицискиот час од политички побуди
Еден од уапсените се претставил дека е советник од редовите на СДСМ во Општина Гази Баба со цел да изврши притисок врз полицајците за да не биде приведен.
Вака министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, го објасни инцидентот во скопски Синѓелиќ.
Според него, граѓаните што го прекршиле полицискиот час биле водени од политичка мисла. Чулев на прес-конференцијата рече дека МВР поднело кривични пријави против сите лица, а веќе има идентификувано и дел од толпата што излезе на улица по приведувањето на трите лица.
„Ова е предизвикано и од политички побуди. Граѓаните водени од политичка мисла свесно се изложија себеси, но и другите граѓани, на ризик, кој сите може скапо да нè чини. Додека сум јас министер за внатрешни работи, законот ќе важи за сите и неселективно. Околу 21.10 часот на социјалните мрежи е забележана слика од групирани лица на улицата Алија Авдовиќ во населбата Ченто. По добиеното сознание, од страна на полициски службеници од СВР Скопје преземени се активности и преку патролно интервенирање извршена е контрола за тоа дали се почитуваат мерките за ограничување на движењето. Кога пристигнале на конкретната локација, забележана е група од осум лица, кои по забележувањето на полициските возила, некои од нив се дале во бегство, а 3 лица останале и биле лишени од слобода и спроведени во полициска станица“, рече министерот Чулев.
Според Чулев, едно од приведените лица сакало да изврши притисок врз службениците за да не биде лишено од слобода, па се претставило како советник на СДСМ.
„При лишувањето од слобода, едно од лицата се претставило како член на Советот на Општина Гази Баба од редовите на СДСМ, со што сакал да изврши притисок врз полициските службеници со цел тој да не биде лишен од слобода. Од страна на полицајците извршен е службен разговор, врз основа на што се изготвени кривични пријави за кривично дело од член 206 од КЗ, меѓу кои и кривична пријава за советникот на СДСМ“, додаде Чулев.
Тој потенцира дека меѓу толпата, која, по приведувањето, излегла на улицата, кружеле лажни информации дека приведените биле тепани од полицијата, како и апсени од своите домови.
„Околу 22 часот добиена е информација дека на местото каде што биле приведени трите лица, собрана е поголема група луѓе, чиј мотив е лажната информација дека овие луѓе се физички малтретирани во полициската станица и дека се лишени од слобода од своите домови. Двете информации не се точни, тоа се потврдува и во исказите од лицата што беа лишени од слобода“, додаде Чулев.
Министерот го спомена и градоначалникот на општината, Борис Георгиевски, бидејќи од видеозаписи се гледало како тој дал ветување дека против трите уапсени лица нема да биде поднесена кривична пријава.
„Во однос на видеозаписите што се појавија на одредени веб-портали, а на кои се гледа и слуша како градоначалникот на општина Гази Баба дава ветување дека тој лично ќе ги ослободи лицата и дека за нив нема да има поднесок, потенцирам дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и секаде онаму каде се прекршени законските одредби и одлуките на Владата се постапува во согласност со законот“, рече Чулев.
МВР и натаму прави идентификација на преостанатите луѓе од групата што излегоа на улицата поради апсењето на трите лица од Синѓелиќ и Арачиново.
„Во насока на целосно расчистување на случајот, МВР и во текот на денешниот ден презема активности, при што обезбеден е видеозапис за кој се спроведува детаљна анализа за идентификација на лицата и анализа за тоа кој не го почитувал полицискиот час. За оние што јавно повикуваа на непочитување на ограничувањето на движење, ќе бидат поднесени две кривични пријави за две кривични дела, и тоа за поттикнување непочитување на одлуките на Владата и засамото непочитување на мерките на Владата. На некои од лицата им е утврден идентитетот“, рече Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

