Македонија
Чулев: Не е точна информацијата за набавката на ремени
Обвинувањата од Независниот синдикат на полицијата дека МВР набавуа 600 ремени за 300.000 евра е неточна информација, реагира министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Информацијата е од јавен карактер, а одлуката за набавката ја донело и одобрило координативно тело. Ремените се наменети за приправници чиј приправнички стаж е скратен поради потребата од зголемен број полицајци за време на кризата.
„Во однос на обвинувањето на Независниот полициски синдикат дека сме набавиле ремени за некоја фантастична сума, мислам дека се работи за неточна информација. Ги повикувам сите медиуми и граѓани да проверат, сите набавки се јавни. Ги повикувам да ја проверат оваа информација од јавен карактер. Се работи за потреба која е дискутирана на координативното тело со оглед дека со уредба на Владата се скрати приправничкиот стаж заради потребата од зголемен обем на работа за речиси 600 приправници. Имаме недостиг од опрема, вклучително и ремени, така што оваа потреба е дискутирана на координативното тело и е одобрена. Во однос на висината, јас ги охрабрувам медиумите, тоа е јавна информација, ќе ви ја доставиме тогаш кога ќе биде побарана од нас“, рече министерот Чулев.
Претседателот на независниот полициски синдикат, Гоце Делчев – Тодев, утрово на прес-конференција изјави дека МВР потрошило 300.000 евра за набавка на 600 ремени, но подоцна ја коригира сумата и рече дека се потрошени 30.000 евра.
„Се работи за лапсус. Ненанмерна грешка. Сумата е 30.000 евра“, рече претседателот Тодев објаснувајќи зошто на прес-конференцијата рече дека МВР на ремени потрошило 300.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

