Македонија
Чулев: Секој обид за поткуп врз гласачите ќе биде санкциониран
Секој обид за поткуп или за какво било влијание врз гласачите ќе биде соодветно евидентиран и ќе бидат преземени мерки за негово санкционирање, порача министерот Наќе Чулев за време на посетата на Регионалниот центар Исток, одделенијата за внатрешни работи во Делчево и Берово и полициското одделение во општина Ново Село.
Организацијата на парламентарните избори со посебен фокус на спречување на изборниот поткуп беа темите во фокус на работните состаноци.
Од страна на раководствата на трите одделенија министерот Чулев беше запознат со мерките и активностите кои се преземаат од нивна страна, а со кои треба да се гарантираат безбедни и демократски избори. Од нивна страна беше потенцирано дека веќе се изготвени оперативните планови со кои се покриваат критичните точки.
Министерот Чулев потенцираше дека изборите мора да бидат фер и демократски, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат и во таа насока обврска на полициските службеници, но и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи е да ги преземат сите неопходни мерки со кои ќе се гарантира безбедноста на изборите.
Тој ги повика полициските службеници да постапуваат согласно законските прописи и да се отргнат од какви било политички влијанија и притисоци. Обврска на секоја полициски службеник е да го штити интересот на граѓаните и безбедноста на државата и кога ова е во прашање нема и не постои никаков компромис, додаде Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

