Македонија
Чулев: 14 обиди за напуштање на Дебар и Центар Жупа без лекарска дозвола

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на прес-конференција извести дека имало 14 обиди за напуштање на кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа без лекарска согласност, кои биле спречени од полицајците што го обезбедуваат реонот.
„Од страна на одделот за специјални полициски операции регистрирани се 14 обиди за напуштање на кризното подрачје без лекарска согласност, тоа е на подрачјето на општина Дебар и Центар Жупа. Извршени се обезбедување и придружба на 22 дотура на продукти на територија на кризното подрачје. Овозможено е непречен транспорт на пари до експозитурите на банките и банкоматите на кризното подрачје. Постојано се врши пренасочување на сообраќајот, пренасочени се 9 патни правци, а граѓаните редовно се информираат за состојбата на кризното подрачје“, рече Чулев.
Тој информира дека речиси 180 полициски службеници и 65 припадници на Армијата го обезбедуваат кризното подрачје со цел спречување влез и излез од него.
„Дозволено е напуштање на кризното подрачје со лекарска согласност на две бремени жени. Инаку, во рамките на општина Дебар и Центар Жупа во моментот има приближно 130 припадници на МВР, а во периметарско обезбедување се 35 до 50 припадници на одделот за специјални полициски операции. Исто така, има околу 65 припадници на Армијата, кои работат во делот на обезбедувањето и даваат асистенција на МВР, односно обезбедување на зелениот појас“, рече Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити-Агелер: соработка за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер.
За време на пријателската средба се дискутираше за техничка и научна соработка за заштита на Охридското Езеро, природно и културно богатство кое е заедничко за Северна Македонија и Албанија.
Целта на соработката е подобрување на квалитетот на водата, управување со рибниот фонд и развој на одржлив езерски туризам.
Во текот на 2024 година, двајца американски експерти спроведоа теренски посети и двонеделни средби во регионот на Охрид за да ја оценат актуелната состојба. Извештајот од таа посета содржи неколку конкретни препораки, меѓу кои: зајакнување на капацитетите на Хидробиолошкиот институт преку модернизација и поддршка на научниот кадар, создавање национална долгорочна програма за лимнолошки мониторинг и рибниот фонд, развој на заеднички прекуграничен план за управување со инкубаторите и заштита на охридската пастрмка, воспоставување механизми за рано откривање на инвазивни видови, како и развој на истражувачка програма за одржлив туризам и зајакнување на улогата на граѓанските организации.
Во рамки на денешниот состанок учествуваше и проф. Џејсон Стоквел, директор на Научната лабораторија за животна средина и природни ресурси при државниот универзитет во Вермонт, САД кој во наредните денови ќе престојува во Охрид по што ќе ги престави своите идеи за понатамошна соработка со Хидробиолошкиот институт – Охрид и другите релевантни иституции во земјата.
Меџити и Агелер се согласија дека заштитата на Охридското Езеро претставува национален и прекуграничен приоритет, а соработката со САД и меѓународните партнери ќе донесе неопходна експертиза за зачувување на ова уникатно природно и културно наследство.
Македонија
(Видео) Филипче: Граѓаните во Скопје се задушуваат, Мицкоски тврди дека им се причинува

Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за загадувањето на воздухот деновиве, ниту една влада досега не се однесувала со проблемите на граѓаните како што сега се однесува владата на ВМРО ДПМНЕ, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„После 10 дена пожар во Вардариште,неколку дена пожар во Дрисла, граѓаните практично се гушат,скандалозна е изјавата на премиерот дека можеби изгледа загадено, но нема доволна количина на честички, кога луѓето знаат како дишеа синоќа, вчера пред два дена. Таквиот став на власта таквата изјава на премиерот во најмала рака е непочитување на граѓаните “, рече Филипче.
Тој додаде дека сериозно е загрозено здравјето на граѓаните во цело Скопје посебно во населбите околу Дрисла и Вардариште.
„ Мајките во Аеродром и околните населби ги прибираа децата дома вклучуваат прочистувачи за воздух а власта не прави ништо. Едно е да грешиш во политиката друго е да немаш капацитет,но да ги игнорираш проблемите како што тоа го прави на секоја тема власта, е нешто што е скандалозно и досега ниту една влада ма Македонија не се однесувала вака со проблемите на граѓаните со секојдневните проблеми на граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Проблемот со „Вардариште“, по изборите, ќе го реши Орце Ѓорѓиевски

Да се грижеше Венко Филипче за животот на граѓаните и инфлацијата, која во време на СДС беше двоцифрена и го јадеше стандардот на граѓаните, немаше над пола милион да остават на раб на преживување со по 150 денари на ден, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој кажа дека граѓаните се оставени сами на себе без мерки за високите цени.
„После долги години економски пустош и висока инфлација наследена од владата на СДС, конечно, сега во Македонија можеме да зборување за забавување на инфлацијата.
И тоа не се само зборови на претседателот Мицкоски, како што вели Филипче, туку тоа се официјални статистички податоци, кои покажуваат дека во август месечната стапка на инфлација изнесува 4,4 а во јули изнесувала 4,9 проценти.
Ова се првични сигнали дека процесот на дезинфлација и стабилизација на цените е започнат и благодарение на економските мерки и политики преземени од Владата, а и на оние кои ќе се преземаат во иднина, инфлацијата ќе продолжи да се намалува“.
Во однос на наводните грижи на Филипче за депониите, од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека го упатуваат Филипче да си се обрати во својата партија која, како што велат, на власт дојде, меѓу другото, викајќи ајро, ајро и со ветување за чист воздух.
„Додека во изборната програма за парламентарните во 2020 година, неговиот другар Заев и неговата кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова ветуваа решение и итна ремидијација на Вардариште.
Долгите години на власт им поминаа, па сега Шукова од опозиција повторно да бара гласови од граѓаните, лажејќи ги дека има некакво решение за Вардариште и другите проблеми во градот.
Граѓаните добро знаат кој работи за нив и кој им ги решава проблемите, а единственото решение како за Вардариште, така и за другите проблеми, го има и ќе ги реши кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски.
Што се однесува за нелегалното прислушкување и следење на Мицкоски од безбедносните служби под раководство на кадрите на СДС, за сите дилеми и прашања кои ги има Филипче нека се обрати до ЈО на, и така нивниот, Љупчо Коцевски“.