Македонија
Градењето кај „Треска“ пред Уставен, нова трка меѓу правдата и парите во Центар, велат од „Шанса за Центар“
Уставниот суд отвори предмет за оспорениот Детален урбанистички план (ДУП) во Центар, во кој спаѓа и земјиштето на поранешната фабрика „Треска“. Адвокатката Сузана Јошевска и граѓанска иницијатива „Шанса за Центар” се подносители на претставката, бидејќи како што велат, има недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските Деталните урбанистички планови. Од „Шанса за центар“, велат дека ова е нова трка меѓу правдата и парите во Центар.
Уставниот суд оформи предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, со која го оспоруваме ДУП за Буњаковец, во кој спаѓа и подрачјето на „Треска“, информираат од оваа граѓанска иницијатива.
Се надеваат на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид, како што велат, дека и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба.
„Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на т.н. наполитанки кај ‘Треска’. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови, кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, велат од „Шанса за Центар“.
Потсетуваат дека за фабриката „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка волја за промена имаше до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.
„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите, кои ги изгубија своите значење, интегритет и кредибилитет, може да му пресудат на последниот поголем простор и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, питенцираат од „Шанса за Центар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

