Македонија
Шахпаска: Разловци ја добива својата прва градинка
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, направи увид во градежните работи на новата детска градинка во село Разловци, општина Делчево.
„Во согласност со направениот увид на новиот објект, градежните работи се завршени, градинката е опремена и набргу ќе почне со прием на деца. За реконструкција, адаптација и за опремување на новиот објект, Министерството од својот буџет издвои средства во висина од 4 милиони денари. Градинката има капацитет да згрижи 20 деца на возраст од 2 до 6 години“, информира министерката.
Таа посочи дека иако капацитетот на новиот објект не е голем, значајна е пораката што се испраќа – грижа за секое дете, без разлика дали се наоѓа во градска или рурална средина.
Градоначалникот на општина Делчево, Трајковски, посочи дека иако селото Разловци е најодалеченото село во општината, тоа е и село со најголем број жители, каде што опстојува и фабрика и каде што гравитираат жители и од соседните општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендов бесплатен превоз до Стрежево и Пелистер
Поради температурната инверзија која што деновиве се случува во Пелагониската котлина, особено во Битола, што резултира со ниски температури и густа магла, општина Битола за време не пресојниот викенд ќе организира бесплатен превоз до скијачките терени на Стрежево и кон Инфоцентарот на Пелистер, каде што граѓаните ќе можат да уживаат во сонцето, повисоките температури и чистиот воздух.
Во текот на утрешниот ден, детално ќе бидат соопштени деталите околу
превозот, нагласија од општината.
Општина Битола, информираат од таму, редовно ги следи состојбите со квалитетот на амбиенталниот воздух во градот, преку двете официјални мерни станици Битола 1 и Битола 2, како и препораките кои што доаѓаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. „Во текот на вчерашниот ден, општина Битола веќе објави дека во текот на два последователни дена, прагот е надминат во мерната станица Битола 2. Исто така, општина Битола веќе врши вонредни инспекциски надзори за контрола на Б интегрирани дозволи, казнување и опомена за горење на несоодветни
опасни материјали, забраната за горење на отворено итн, согласно мерките пропишани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за инспекциски надзори од страна на општинските служби“.
Македонија
ДУИ: Одлуката за понижување на албанскиот јазик од службен јазик во Законот за заштита на децата е отворен напад врз еднаквоста и Охридскиот договор
Последната одлука на парламентарното мнозинство без етнички легитимитет за понижување на статусот на албанскиот јазик од службен јазик во Законот за заштита на децата претставува отворен напад врз еднаквоста и Охридскиот договор, истакнува Бујар Сопа од ДУИ.
Овој потег, вели Сопа, не е само дискриминаторски акт кон албанскиот јазик и Албанците, туку и опасен преседан за иднината на меѓуетничката толеранција и соживот во нашата земја.
Оценува дека Охридскиот договор и напредокот што е постигнат досега се плод на заедничка работа и жртва.
„И нема да дозволиме тие систематски да се уриваат.
ДУИ ги повикува сите релевантни страни, граѓанското општество, меѓународната заедница и граѓаните да го кренат својот глас против оваа неправедна одлука.
Ние ќе продолжиме секојдневно да ја следиме оваа тема сè додека законот не се врати во форма која ја почитува јазичната и етничката еднаквост“.
Службените јазици, како што додава, се заедничко богатство на државата и гаранција за еднаквост на сите.
Нападите врз нив, подвлекува Сопа, се напади врз основните вредности на нашата демократија.
Македонија
(Видео) Митева: Донесена е владината програма, ја одразува посветеноста за градење на посилна, потранспарентна и просперитетна Македонија
Марија Митева, владината портпаролка ја презентираше Програмата за работа на Владата за 2025 година, која беше донесена на 45-та владина седница.
Економското заживување на земјата е врвен владин приоритет, нагласи Митева како и поттикнување на силен циклус на економски раст, подобрување на севкупната транспортна инфраструктура, зголемување на животниот стандард, подобар и поквалитетен живот за секого, создавање на квалитетни работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација на јавните услуги.
Содржината на оваа Програма е поделена по тематски подрачја и е поделена по динамика по месеци за секој приоритет, што уште еднаш ја потврдува нашата посветеност на транспарентност и на предвидливост којашто можат да ја имаат граѓаните, да знаат што можат да очекуваат. Се разбира во минатото, многу од проектите беа одложувани, што уште еднаш потврдува дека оваа Програма има за цел да даде навремена испорака и мерливи резултати.
„Би ги издвоила Предлог-законот за управување со движење на предметите во судовите, ќе се работи на Предлог-закон за судска и јавна обвинителска служба, целта е да го подобриме стручниот кадар во овие служби. Би сакала да го споменам и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Во вториот дел пак, кој се однесува на работата на Владата и на акти и материјали коишто ги носи Владата, опфатот е поширок на сите сегменти, би го споменала делот на образованието како што се реконструкција на училишни објекти, годинашниот буџет е за 6 милијарди денари повисок од оној којшто беше во минатата година или вкупно е 38 милијарди денари. Зголемени се блок дотациите кон општините затоа што ќе се прави покачување на платите на вработените во образованието веќе од месец март за 7%“, појасни Митева.
Како што најави, повисоки плати од овој месец ќе добијат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14%, а ненаставниот кадар за 8%. Очекува дека ова јакнење на економската стабилност ќе биде стимул за дополнителна заложба кон поквалитетно образование.
„Програмата за работа на Владата околу стотина активности се однесуваат на обврските од Реформската агенда за 2024-2027 година и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, што уште еднаш ја потврдува сериозната заложба за реформи на оваа Влада коишто се однесуваат на препораките од Европската Унија“, дополни Митева додавајќи дека Владата има јасна визија: „држава во која системот функционира, просперитетна економија и влада која работи за граѓаните и на која граѓаните и веруваат“.