Македонија
Шаќири: Градиме квалитетно образование, ја оптимизираме училишната мрежа
Со вклучување на пратениците, денеска Министерството за образование и наука ги продолжи консултациите за Националната развојна стратегија за периодот 2022-2042. Министерот Јетон Шаќири пред членовите на Комисија за образование, наука и спорт ја нагласи важноста на конструктивниот дијалог со сите засегнати страни во подготовката на овој сеопфатен стратешки документ, што ќе ги содржи националните приоритети и долгорочните развојни цели, со фокус на имплементацијата. Консултациите се користат и за подготовка за Самитот на ОН за трансформирање на образованието, што ќе се одржи во септември во Њујорк, но и за надополнување на Стратегијата за образование.
„Вклучувањето на различни погледи и искуства од сите релевантни чинители е начин на кој пристапивме и кон реформата на образованието, како на основното така и на средното образование. Во основа на овие процеси, кои се во тек, е заложбата за квалитетно образование за секое дете, како услов за развој на општеството во целина. Интензивно вложуваме во нови наставни програми и нови материјали за учење, во обуки на наставниците и во наставни помагала, нагледни средства и кабинети за природни науки. Реформата го опфаќа и системот за мониторинг и евалуација на националниот прогрес во образованието“, рече министерот Шаќири во обраќањето пред Комисијата.
Посочувајќи на нужноста од реформи кои ќе го подигнат квалитетот на образованието и ќе овозможат развивање на потенцијалите на секое дете, министерот укажа на резултатите од меѓународните мерења на знаења, кои покажуваат дека нашите ученици имаат резултати под просекот за Западен Балкан, земјите од ЕУ и од ОЕЦД. Над една половина од учениците на тринаесетгодишна возраст не го достигнуваат основното ниво на умешност по читање и математика, покажа ПИСА тестирањето во 2018 година.
За да се овозможи ефикасно и ефективно искористување на образовните ресурси, како инфраструктурните, така и на човечките и на финансиските, Министерството за образование и наука продолжува со реформите, во делот на оптимизација на мрежата на училишта и со промена на формулата за финансирање на основното и средното образование.
„Процесот на оптимизација на училишната мрежа ќе се одвива до 2026 година и во тесна координација со вас пратениците, со општинските власти, училишниот кадар, родителите, учениците и сите други засегнати страни. Важно е да напоменеме дека за секоја општина ќе се утврди посебен план за оптимизација, врз основа на индикатори и стандарди. Наша цел е да воспоставиме правичен образовен систем кој создава еднакви услови за настава во сите училишта, да им овозможиме на училиштата да држат повеќе часови настава и да обезбедиме ефикасна распределба на ресурсите“, рече министерот Шаќири.
Со цел да се подобри ефикасноста во трошењето, да се обезбедат доволно финансиски ресурси за да се исполнат образовните стандарди во училиштата, како и да се зајакнат резултатите од трошењето на средствата, Министерството за образование и наука, во соработка со Министерството за финансии направи ревизија на формулата за финансирање на основното и средното образование. Новиот начин на финансирање ќе обезбеди објективна и правична распределба на блок-дотациите за општините и за училиштата.
Министерот Шаќири нагласи дека новата формула се базира на утврдена стандардна цена по ученик и обезбедува поголема транспарентност во распределбата на средствата за блок-дотации. Дотациите од општините кон училиштата ќе се реализираат врз основа на утврдени механизми и ќе има посебни алатки за контрола како училиштата ги трошат дотациите. Новиот начин на финансирање на основното и средното образование, врз основа на стандарди, предвидува период за приспособување од 5 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска: Од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари
„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена, туку како ваша пријателка и комшивка, како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8 мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.
Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.
„Вие највозрасните кои гледам ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари. Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.
„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.
Македонија
Мицкоски од Тетово: Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините, дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија
„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.
Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.
„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.
„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека на народот му е доста од удирање во гради, зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.
„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.
Македонија
Битиќи: Бидете патриоти, изберете европска иднина на соживот и плати од 1.300 евра
„На 8-ми мај излезете на гласачките места и со заокружување на бројот еден да ги сочуваме темелите на државата, на демократските вредности, на внатрешната кохезија на етникумите и верските заедници. Бидете патриоти и изберете безбедна и европска иднина, каде ќе бидеме сплотени и ќе имаме просечна плато до 1.300 евра“, порача на денешните средби со жителите на Бутел и Чучер Сандево, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Битиќи истакна дека длабоко верува дека мнозинството од граѓаните не сакаат враќање 20 години назад во минатото, во заробена држава и поделено општество, во држава во која минималната плата изнесуваше под 10.000 денари.
„Гледате политичари кои дефилираат по митинзите со националистички пароли и пораки за изолација на државата. Но, уверен сум дека со вашиот глас за бројот 1 ќе ги замолчите, ќе им покажете дека вашата одлука е да имаме нова влада која ќе продолжи државата да ја води кон Европската унија, кон нејзините вредности, “ рече Битиќи и посочи дека СДСМ и коалицијата имаат програма која ќе ја исполни оваа мнозинска желба на граѓаните на Македонија.
Нагласи дека агендата на националистите е празна, а програмите им се полни со празни зборови, затоа нудат само несигурност и страв меѓу граѓаните.
„Знаеме дека патот до ЕУ е тежок, со многу пречки пред нас, но ЕУ е единствениот начин да ги смениме работите на подобро, во економијата, во образованието, во здравството.
Не смееме да се откажеме од европското семејство и да ги замолчиме националистите“, порача Битиќи.
Зборувајќи за мерките од предизборната програма на СДСМ, Битиќи посочи дека членството во ЕУ не само што ќе однесе посилна кохезија помеѓу различните етнички и верски заедници во Македонија, туку тоа ќе значи и подобар и поквалитетен живот за сите граѓани
„Пред вас излегуваме со конкретни верувања, за кои во минатото покажавме дека ги исполнуваме, а ќе ги исполниме и сега. Гарантирам е просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, кои со влезот во ЕУ проектираме да достигнат до 1.300 евра односно 800 евра“, им порача Битиќи на жителите на Бутел и Чучер Сандево.