Македонија
Шаќири: Квалитетното високо образование создава генерации што ќе умеат да се справат со предизвиците
Сите ние тука, а верувам и целата наша држава, сака да ја доживее гордоста да имаме високообразовна установа на висока позиција на глобалните ранг-лист на најдобри универзитети на светот. Иако тоа значи потврда за здравите институционални политики за развој на високото образование, како и верификација на заложбите на самите високообразовни установи за квалитетен наставно-научниот процес, најважно е што таков универзитет или универзитети ќе создаваат генерации академски граѓани што ќе умеат да се справат со предизвиците на новото време, кои ќе бидат лидери на четвртата индустриска револуција и ќе бидат вреден човечки капитал што ќе се вложи во побрз развој и добросостојба на државата.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на одбележувањето на годишнината од основањето на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, кој како самостоен стручен орган работи на унапредување на квалитетот на високото образование, интензивирање на научноистражувачка дејност и поттикнување на меѓународната соработка.
„Квалитетното висoко образование е еден од приоритетите на Владата. На овој факт се должи зголемувањето на државниот буџет за истражувања и насочувањето на најголемиот дел од средствата кон финансирање на научноистражувачки проекти, опремување лаборатории и клинички сали, односно планско, програмско и грантово финансирање на високото образование. Обезбедувањето дополнителни бенефиции за студентите и научноистражувачките работници, можностите за стипендии и воопшто поткревањето на системската грижа за високото образование е вистинскиот пат кон издигнување на нашето високо образование до најдобрите европски академски височини“, истакна Шаќири.
Верувам, потенцира министерот, дека во период што следува како Совет ќе дадете достоен придонес во подготовката на Националната програма за високото образование, како и ваше мислење и предлози за изготвување на уредбата за мерила и критериуми за финансирање на високото образование и Националната програма за научноистражувачка дејност.
Националниот совет има обврска еднаш годишно да ги информира Собранието и Владата за предлог-мерките, решенијата и препораките што ги дал за подобрување на високообразовната дејност. Се формира во согласност со Законот за високото образование и е составен од 15 члена – 12 професори и по еден член од МАНУ, од деловната заедница и од студентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

