Македонија
Шврговски: Незаконски е Мијалков да биде притворен веднаш само затоа што против него се водат повеќе постапки
Бранителите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, на денешната јавна седница на Апелациониот суд ја образложуваа жалбата за одредениот притвор за Мијалков по донесената пресуда од 3 години казна затвор за случајот „Титаник 2“, кој се однесува на изборни нерегуларности.
Адвокатот Љупчо Шврговски рече дека незаконски и неосновано е изречена мерка притвор за Мијалков до извршување на затворската казна бидејќи досега не прекшил ниту една мерка што му била изречена од страна на судот.
„Со донесување на мерката притвор за Сашо Мијалков сторени се суштествени повреди. Опасноста од бегство судот ја има образложено со една реченица, тоа воопшто и не може да се нарече образложение. Не е дозволиво со такво образложение да се одреди притвор.
Тоа што судот го стори е незаконски и неосновано. Судот за човекови права во Стразбур вели дека мора да се дадат причини дека која било претходно изречена мерка е повредена, па потоа да биде дадена мерка притвор“.
Шврговски истакна дека во македонската судска пракса за вакво дело, каде што казната затвор изнесува од 1 до 5 години, не се случило да биде определена мерка притвор со образложение дека против обвинетиот се водат други постапки. Тој додаде дека и пресудата за овој предмет е бесмислена.
Адвокатот Петар Василев во целост се приклучи кон жалбата на другите бранители на Мијалков за изречената мерка притвор по што додаде дека мерката притвор е изречена од страна на неовластен совет, а пресудата е донесена врз основа на обвинение од новластен тужител и дека таа не е основана.
„Неовластениот тужител, кој даде предлог пред неовластен судечки совет, не образложи зошто притворот е неопходен. Одбраната не е виновна што неовластениот тужител поднел обвинение 25 дена подоцна од рокот што му е предвиден во законот. СЈО воспоставило надлежност на 4.12.2015 година, а обвинителниот предлог го поднело на 29.6.2017. Дали пречекорувањето на роковите имаат растеглива димензија? Како што јас знам, завршувањето на рокот значи смрт за одреден предмет, како што е и сега“, рече Василев.
Обвинителката од специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, уште пред апелацискиот совет ги образложи барањата за притвор на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими по што истакна дека при одредување на притворот не е направена суштествена повреда, како и дека не се точни наводите на бранителите дека судечкиот совет и Обвинителството се неовластени за случајот.
„Законскиот рок за поведување обвинение за случајот ‘Титаник 2’ е испочитуван. Не се точни наводите на одбраната дека обвинението е поведено 18 месеци по добивање на незаконски прислушуваните материјали и преземање на случајот, рече Фетаи.
Обвинителката како образложение за можно бегство на Сашо Мијалков ги наведе неговите контакти што ги има создадено со оглед на тоа дека подолго време бил во тајните служби на државата.
Покрај жалбите за притворот на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, бранителите донесоа жалба и против одредените мерки на претпазливост против другите осудени во случајот, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој за случајот беше осуден на 3 години и 2 месеци затворска казна, е единствениот што не поднесе жалба за изречената мерка на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

