Македонија
Шекеринска во Центарот за обука на пилоти: Нудиме врвна настава за летање
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска од Центарот за обука на пилоти ги повика сите млади граѓани на нашата земја со завршено високо образование и стекнати 180 кредити да се пријават на отворениот конкурс за прием на кандидати и по завршувањето на обуката да станат пилоти во Армијата на Република Северна Македонија.
Центарот за обука на пилоти, рече министерката, е еден од најсовремените капацитети во регионот за изведување настава и обука на воени пилоти. Додаде дека со измените на Законот кои ќе бидат испратени во Собранието се предвидува кандидатите да добиваат финансиски надоместок и за време на обуката.
„Со измените на законот го регулираме делот на финансискиот надоместок и на тој начин ќе имаме поголеми шанси да добиеме поквалитетни кадри, а од нив да добиеме шанса и за одлични пилоти“, рече министерката.
Полковникот Валентин Ивановски, раководител на воено-воздухопловниот авторитет во Министерството и проект – менаџер на Центарот истакна дека овој Центар со својата опрема и методите што ги применува, овозможува завршените кандидати веднаш да се вклучат во воздухопловната бригада и да ги прифатат стандардите на НАТО.
Ангел Владимиров и Љубомир Панев, денес капетани во Армијата, а претходно кадети во Центарот за обука на пилоти порачаа дека овој центар овозможува обука на светско ниво, дека е потребно многу труд и енергија, но и дека чувството „секојдневно да се има различен поглед од канцеларијата“ е неописливо. Ги повикаа младите да не ја пропуштаат оваа шанса и да се пријават на отворениот конкурс.
Досега во Центарот се обучени вкупно 24 пилоти, од кои 13 за потребите на Армијата, девет за Министерството за внатрешни работи и два за потребите на црногорското воздухопловство. Капацитетот на Центарот е препознаен на глобално ниво – досега најмодерните симулатори на хеликоптерите Ми-24 и Ми – 8/17 ги користеа пилоти од Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија, а на комерцијална основа и пилоти од Полска, Нигерија и Камерун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

