Македонија
Шекеринска: Предметите на СЈО се безбедни со Законот за ЈО, политиката трга раце од правосудството
Денеска е и денот кога конечно влегува во сила Законот за Јавно обвинителство, изјави носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 5, Радмила Шекеринска, порачувајќи дека овој закон заедно со неколку други закони се целосно усогласени со препораките на Венециската комисија е нова шанса за правната држава кај нас.
„Ние со одлуката да предложиме и да избуткаме низ Собрание еден ваков Закон за Јавно обвинителство покажавме дека најпосле судството го ослободуваме од партиските стеги“, рече Шекеринска, додавајќи дека сега на ред се обвинителите и судиите да покажат дека ќе се ослободат од сите оние коишто удрија печат на криминал, корупција и злоупотреби врз целото судство, ќе се прочистат и ќе покажат дека правдата може да функционира за сите.
„Многу работи во државата се променија, но некои како ВМРО ДПМНЕ, за жал, останаа исти. ВМРО ДПМНЕ и понатаму продолжи да ги блокира сите позитивни процеси за својата држава, ВМРО ДПМНЕ сè уште се обидуваше да става сопки на сето ослободување на судството од партиски стеги. ВМРО ДПМНЕ сè уште се опира на шансата да се бориме против криминалот и корупцијата и ВМРО ДПМНЕ според оние бомби коишто успеавме да ги чуеме навистина до последен момент се трудело да го блокира Законот за Јавно обвинителство само за да ги заштити своите блиски, своите партиски луѓе, своите бизнис-партнери од словото на Законот“, нагласи Шекеринска.
Таа истакна дека ВМРО ДПМНЕ продолжува и понатаму да ги потценува и да ги плаши граѓаните и ВМРО ДПМНЕ сè уште бега од дуели, бега од соочувања и бега од ненарачани прашања
„Во Вевчани денеска ги гледаме резултатите на една многу агилна и активна локална власт којашто успева со свои средства, со поддршка од планските региони, но и со поддршка на меѓународните партнери да изгради, да поправи, да реновира, многу од работите коишто останале заборавени во минатото“, додаде Шекеринска.
Граѓаните покажаа дека сакаат државата да се променува на подобро. Ние покажавме дека знаеме и можеме да ја менуваме државата на подобро. Обезбедивме поправична држава, обезбедивме членство во НАТО, обезбедивме почеток на преговори со Европската Унија. Обезбедивме повисоки плати и повисоки пензии. Сега, од 15 јули ќе ги удриме темелите на целосно правна држава во која законот ќе важи за сите и законот нема да може да се злоупотребува. Обезбедивме за првпат политиката да ги тргне своите раце од правосудството. Ќе обезбедиме подобар живот и ќе понудиме нова шанса за сите граѓани во нашата земја“, порача од Вевчани, носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 5, заменик- претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

