Македонија
Шекеринска: Членството во НАТО ќе помогне, но нема да ги реши сите наши проблеми
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ја отвори дебатата со наслов „Помеѓу фактите и фикцијата – што ќе донесе пристапувањето на Македонија во НАТО“, во организација на Институтот за европска политика.
На неа беа презентирани и два независни истражувачки труда за ефектите од пристапувањето на нашата држава во алијансата.
Шекеринска на почетокот од своето воведно обраќање го изрази задоволството од соработката на државните институции со граѓанскиот сектор и истакна дека Владата цврсто верува оти државата може да стане подобро општество, поинтегрирано и попросперитетно преку членството во НАТО и ЕУ.
„Неподелен е ставот помеѓу сите 29 членки на НАТО дека Македонија е подготвена да стане 30. земја членка. И тоа е нешто со што треба да се гордееме затоа што оваа држава многу бргу успеа да го надомести загубеното. Меѓутоа, се разбира, процесот ќе зависи од завршување на процесот на уставните измени и од пораките што ќе ги испраќа РМ за целиот период на ратификација“, рече министерката на отворањето на дебатата.
Таа додаде дека сепак не треба да се чека НАТО-членството да ги реши сите наши проблеми, туку дека тоа е процес на растење, трансформација и подобрување на државата.
„На крајот, сè ќе зависи од нашите сили, сè ќе зависи од нашиот капацитет и моќ на граѓаните да им обезбедиме подобри шанси за живот“, посочи Шекеринска.
Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, рече дека членството во НАТО ќе донесе зголемен развој и прилив на инвестиции.
„Базирајќи се на искуствата на другите земји што пристапиле во НАТО во изминатите 10-ина години, она што може да очекуваме е секако зголемен развој, зголемен прилив на странски директни инвестиции, меѓутоа со една нота на внимателност дека голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и дали ќе можеме да ги оспособиме домашното стопанство и економијата“, истакна таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

