Македонија
Вечерва отворање на првата новогодишна населба во Скопје
Град Скопје за вечерва најави отворање на новогодишната населба Винтерленд на плоштадот Македонија. Од Градот велат дека новогодишните куќички ќе придонесат за уникатно празнично расположение во пресрет на новогодишните празници.
„Во новогодишната населба со украсени куќички има катчиња за игра и смеа, како и мала сцена на која ќе се организираат настани што ќе го привлечат интересот на посетителите, без разлика на возраста. Ќе има и топ за вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. За вљубениците во зимските спортови, пак, во населбата ќе биде поставено и лизгалиште на мраз“, соопшти Град Скопје.
Во централниот дел на новогодишната населба Винтерленд е поставена елка која ќе светне вечерва во 19 часот. Просторот околу елката е организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички.
Осветлувањето на елката вечерва ќе го придружува настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје, кои околу половина час ќе изведуваат божикни песни. Средношколците на плоштадот Македонија ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар, кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, сè до плоштадот Македонија.
На отворањето на новогодишната населба Винтерленд и на осветлувањето на новогодишната елка вечерва ќе присуствува и градоначалникот Шилегов, кој ќе го означи почетокот на новогодишното празнување во Скопје.
Градот Скопје ги повикува сите граѓани да дојдат на плоштадот и да уживаат во новогодишната магија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.