Македонија
Шилегов: Некои наши соседи со негирањето на нашиот антифашизам ги негираат и сопствените антифашисти
Со положување цвеќиња и со кино-проекција на филмот „Ослободувањето на Скопје“ Градот Скопје вечерва ја одбележа 80-годишнината од основањето на Првиот скопски партизански одред (22 август 1941 – 22 август 2021). Чествувањето се одржа пред Споменикот на одредот, во Карпош 3, а присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, граѓани, борци и министри и министерки во Владата на РСМ.
„Формирањето на првиот скопски партизански одред е голем и значаен настан за македонската историја и историјата на нашето Скопје. Да се формира народно ослободителен партизански одред во 1941 година (на 22 август) претставува чин на огромна храброст, одлучност и хуманост на 12 луѓе подготвени со живот да ја платат слободата, започнувајќи голема борба против фашистичките окупатори и нивните слуги. Да не заборавиме дека токму Скопје во далечната 1941 година беше еден од двата центра на тогашната бугарска административна, воена и полициска структура во Македонија. Во Скопје, на 22 јуни 1941 година, била формирана Воена комисија, која во улога на воен штаб, организирала низа подготвителни активности за отпочнување на оружената борба, а за таа цел на истиот состанок била донесена и одлуката за формирање партизански одред кој на почетокот бил составен од 12 припадници. Подоцна нивниот број пораснал на 42 кои биле од различна етничка припадност, а сепак се обединиле околу една единствена идеја – слободата“, рече во своето обраќање Шилегов.
Тој додаде дека Скопскиот партизански одред по својата разноликост наликувал на денешно Скопје во мало – во него членувале припадници на сите етнички заедници Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Турци, Роми, Власи, имало и жени, партиски и непартиски активисти, сите млади луѓе од најразлични струки, сите со една заедничка антифашистичка мисија – ослободување од фашистичкиот окупатор, истакна Шилегов.
„Диверзантските акции биле основен белег на овој предпартизански период. Првата диверзантска акција во Скопје била изведена на 5 јуни 1941 година, кога на воениот аеродром бил запален еден германски транспортен авион. Во предвечерието на формирањето на скопскиот партизански одред, извршена била и диверзантска акција во рудникот Радуша, со цел одземање на експлозивен материјал. Токму членовите на скопските диверзантски групи го сочинувале јадрото на првиот скопски партизански одред. Затоа уште еднаш заедно да им се заблагодариме за нивните херојски дела на: Чедомир Миленковиќ, Дане Крапчев, Боте Боцевски, Невена Георгиева – Дуња, Раде Јовчевски – Корчагин, Благој Деспотовски – Шовељ, Стерјо Кранго – Дучо, Боро Ончевски, Боро Трајковски – Ѓуро, Ацо Смилковски, Павле Момчиловиќ и Светозар Томиќ. Од вкупно 42 партизани на одредот, 17 го загубиле животот во текот на војната. Тројца од нив: Александар Урдаревски, Раде Јовчевски Корчагин и Боро Петрушевски се прогласени за народни херои. Затоа драги мои скопјани, ние немаме од што да се срамиме и секогаш со гордост се сеќаваме на нашата историја. За разлика од нас, некои наши соседи кои во минатото често биле на погрешната страна, преку обидите за интервенции во нашата историја се обидуваа да избришат делови од сопственото минато, притоа заборавајќи дека негирањето на нашата антифашистичка борба е истовремено негирање и на сопствените антифашисти“, нагласи Шилегов.
Тој се обрати и кон борците – ослободители, велејќи дека е чест и задоволство да се биде дел од генерациите кои имаа можност директно од нив да ги слушаат нивните сведоштва за бројните херојски борби, кои со нескриен слободарски дух се воделе во текот на војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

