Македонија
Шилегов од Чаир: Рамномерниот развој на градот не смее да запре
Скопје е град за сите. Во изминатите години Скопје за прв пат по повеќе децении се развива рамномерно во сите општини, во секоја населба, во секое маало. Затоа во Чаир во изминатите 4 години во развојот на инфраструктурата вложивме многу. Затоа што оваа општина на планот на инфраструктурата заостануваше зад останатите во градот. Затоа ги реконструиравме Македонско-косовска бригада, Џон Кенеди и Кемал Сејфула. Затоа ги направивме новите кружни текови, првите велопатеки во Чаир, затоа ги изградивме булеварите БиХ и Христијан Тодоровски – Карпош, затоа ги реконструиравме чаирските средни училишта, за Чаир повторно да стане дел од нашиот град, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на заедничката прес-конференција со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Во идниот мандат, додаде таа, заедно со Висар Ганиу ги пробиваме Цветан Димов и Џон Кенеди кои ќе станат главни артерии во Чаир и нивна врска со јужниот дел на градот.
„Овие два булевари ќе го растоварат сегашниот метеж кај Јаја Паша, истовремено нудејќи нови рути за БРТ, за останатиот јавен превоз, како и нови велосипедски коридори до Центар. Од особена важност е и фактот што на овој потег е предвидено да минува и втората траса на БРТ системот на брз автобуски превоз која ќе де движи од Бутел до Кисела Вода. Новите и реконструирани сообраќајници сега се со прекрасно булеварско зеленило и модерно ЛЕД осветлување. Недостатокот од тротоари и велосипедски патеки во оваа општина се надомести со изградбата на околу 10 километри нови велосипедски патеки и околу 6 километри нови тротоари. Поради сето ова, недвижностите на луѓето во северниот дел на нашиот град во Чаир се покачени за 30%. Тоа се случува затоа што институцијата конечно пружила тоа што треба да го добијат граѓаните. Тоа е должноста на градоначалникот“, додаде Шилегов.
„Конечно на задоволство на сите нас, заедно со Општина Чаир, после 4 години посветена работа дојдовме до решение кое подразбира еден систематски пристап во справувањето со недостатокот на паркинзи во оваа општина. Во Чаир се наоѓаат најстарите населби во нашето Скопје кои во инфраструктурна смисла сè уште имаат задржано елементи од османлиски урбанизам кога не постоеле ниту автомобилите, ниту проблемот со нивното паркирање“, истакна Шилегов.
За таа цел, градоначалникот Шилегов заедно со градоначалникот Ганиу пред неколку месеци го започнаа и процесот на изградба на неколку катни гаражи во јавно приватно партнерство. А изградбата на булевари и улици кои поврзуваат, кои обединуваат не смее да запре, а приказната за европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи.
„Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Ајде да се обединиме затоа што имаме иста цел – силно, единствено Скопје, во кое се живее достоинствено. Вашата сила, драги скопјанки и скопјани, е вашиот глас. Излезете на изборите и изберете силно Скопје, Скопје кое се гради, кое расте, Скопје кое го продолжува својот пат меѓу најразвиените градови во Европа“, потенцираше Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.

