Македонија
(Видео) Николовски: Повикуваме на обединување против власта
ИК на ВМРО-ДПМНЕ денес одржа седница на која се дискутираше актуелната ситуација во Македонија поврзана со изборите и одржување на вториот круг на локалните избори, како и за поддршката за места каде ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати.
Состаноците на органите на партијата коинцидираат со историскиот датум 23 Октомври, Денот на ВМРО, односно Денот на Македонската револуционерна борба.
„ ВMРО-ДПМНЕ како партија на народот која ги темели своите вредности и принципи на идеите на македонската револуционерна организација вдахновени во модерните идеи за Македонија како место на заеднички живот, просперитет и напредок преку почитување на принципите на солидарност, слобода и напредок.
Свесна за предизвиците со кои се соочува државата и потребата од мобилизирање на сите расположливи капацитети во функција на напредокот и новата иднина на државата, кога таа се наоѓа во еден безизлез раководена од корумпирана власт која е безидејна, и создава хаос, безредие, демонстрира неспособност. Свесни дека секој слободен граѓанин на оваа земја е силата на промените кои се неопходни за да има подобра иднина. И свесни дека секој може сам за себе да одлучува. Повикуваме на заедништво, слога и обединување кон заедничката цел на сите без разлика на политичка, етничка, верска или друга припадност.
Препорачуваме дека е време за обединување на сите сили кои се против политиките на власта. Силите кои сакаат добро, напредок, сакаат нова подобра иднина и промени, проекти и победи. Повикуваме на обединување на сите прогресивни сили против власта која носи порази, омаловажувања, неуспеси, го одзема достоинството.
Таквото обединување значи масовна мобилизација на граѓаните кои бараат подобра иднина, успеси и работа. Секоја наша разлика е помала од заедничката цел – Македонија да ја развиваме, економски да зајакнува, политички да се интегрира. Мора да ги срушиме ѕидовите на поделби и омраза наметнувани од власта. Затоа е потребно мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална.
Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“ порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи, потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија и е потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.