Македонија
Шилегов: Од 150 до 200 евра помал годишен трошок за родителите со дете во градинка или училиште, двојно за оние со две
На денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје го претстави планот, на сите скопски кандидати на коалицијата на СДСМ, за задржување на младите во Скопје, за среќни деца и родители, за просперитетни млади и студенти.

„ Скопје е солидарен град и како таков има должност да вложува и ги поддржува сите, да ги поттикнува да останат и живеат во градот и да создава услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации. Водени од оваа идеја, денес го презентираме заедничкиот план за финансиска поддршка на неколку многу важни категории граѓани, младите, студентите, сегашните и идните родители. Тие студираат, работат, родителите се грижат децата и сe вo период од животот во кој секој денар им е важен. Како родител и градоначалник, знам колку е за нив важна финансиската поддршка во овој период од животот и затоа ние излегуваме во пресрет“, изјави градоначалникот Шилегов.

– Прво, го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. Понатаму, сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Родителите ќе можат да задржат до 200 евра годишно во семејниот буџет, ако ја земеме сумата од 2.000 денари месечно што денес во просек ја трошат за оваа намена. Оброкот го правиме подостапен за секое дете, а на родителите им ги намалуваме фиксните месечни трошоци, продолжи Шилегов.
– За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град. Непризнаените хормонски терапии на фондот се минато. Сакате да продолжите да се обидувате и по третиот обид? Градот е тука финансиски да ве поддржи во вашите планови за семејство..

– За сите средношколци и студенти веќе обезбедивме бесплатен превоз. Сега тие бенефиции ги прошируваме и на оние што продолжуваат со образованието во нашиот град. Со ова сите кои се во процес на образование ќе може да се возат бесплатно во градскиот превоз. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот, додаде Шилегов претставувајќи ја четвртата мерка.
– Обезбедуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските тешкотии на семејствата и го вреднуваме трудот.
– За секој средношколец од државните училишта обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина, нагласи Шилегов во претставувањето на шестата мерка од планот финансиска поддршка на овие категории граѓани.
Мојот императив е среќни и задоволни граѓани во Скопје. Вложуваме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот. Затоа со гордост го најавувам овој пакет мерки со кој инвестираме во квалитетот на живот. Градот станува еднаков за сите. За Скопје како што јас го сакам, еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот. Постојаната комуникација со секој наш сограѓанин и подадена рака на секој на кого му е потребна е препознатлив пристап за нас. Ни претстои една поинаква приказна во социјалната слика на градот. Од Скопје правиме социјално сензитивен град за посреќни мигови, заклучи Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Облачно со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, на планините врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.

