Македонија
Шилегов: Револт поради викендот во Маврово има кај опозицијата, не и кај граѓаните
Очајот и немањето аргументи да се спротивстави на новите политики на Градот опозицијата го заменила со искривување на тезите за тоа каде бил градоначалникот за време на карантинскиот викенд. Вака градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одговори на прашањето зошто не се солидаризираше со скопјани кои последниве три дена беа во карантин, а дел од медиумите објавија фотографии дека тој е во Маврово.
„Тоа е тотално изместување на тезите од страна на опозицијата. Јас ќе одговорам на тие лажни прозивки на опозицијата со уште поголем ангажман“, вели градоначалникот Шилегов.
„Не гледам дека револтот е кај граѓаните, туку беше спин од медиумите блиски до опозицијата. Пак велам, тоа е изместување на тезите затоа што ниту знаете кога сум заминал, ниту кога сум се вратил, ниту знаете како овие три месеци живеам со моето семејство во смисла на карантините, во смисла на нивната изложеност. Мислам дека е целосно изместување на тезите, дефинитивно. Кога не можете да најдете забелешка за работата на градоначалникот, ја изместувате тезата зошто градоначалникот бил во своја куќа“, рече градоначалникот Шилегов.
Тој тврди дека опозицијата е депласирана во Скопје и оти разликата меѓу 25-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Градот и неговото владеење е очигледна, па поради тоа опозицијата сега ги заморувала скопјани со тоа каде бил градоначалникот и каде и каков имот имал. Градоначалникот Шилегов денеска го промовираше новиот кружен тек во Чаир, во близина на средното економско училиште, и најави дека допрва ќе стартуваат со нови градски проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

