Македонија
Шилегов: Силна финансиска поддршка за граѓаните, 50 отсто поевтин оброк за учениците, до 50 проценти помал трошок за градинките
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, нуди финансиска поддршка за сите групи граѓани во следните четири години.
Во изминатите речиси две години пандемијата им ги смени животите на граѓаните. Покрај здравствените ризици што ги донесе Ковид-19, силно страдаа економијата и семејните буџети на граѓаните. Затоа, најдоброто за нашиот град во следните четири години подготви пакет од силна финансиска поддршка за сите групи граѓани. Скопје е град на солидарноста и како таков мора да се грижи за сите, а парите на граѓаните да ги враќа онаму каде што се најпотребни.
Овој пакет од социјални поволности е наменет за сите групи – за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители. Продолжуваме со остварување активности за поквалитетен живот во нашето Скопје, за подобро секојдневие на нашите сограѓани, за поудобни и побезгрижни денови во овој град.

Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од Градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби.
Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе може слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само во вторник и петок. На тој начин го запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето што одат на работа или на училиште.
Овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трета доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт.
Се грижиме и за лицата со ретки болести како инклузивно општество што се грижи за сите.
Лицата со ретки болести што живеат во Скопје ќе може исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија што ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и нивната придружба при користење на превозот.

Во пакетот финансиска поддршка се вклучени и младите, кои се движечката сила на градот. Ги поддржуваме во личниот и во професионалниот развој.
На сите постдипломци и докторанди што студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот.
Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50 % поевтин оброк за време на престојот во училиште. Оброкот го правиме подостапен за секое дете и поттикнуваме исхрана во училиштата.
Ќе доделуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје, кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските тешкотии на семејствата и го вреднуваме трудот.
За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина.
Градот ќе расте и ќе се развива ако идните родители ги гледаат можностите и сакаат да живеат во него. Мојот императив е среќни и задоволни граѓани во Скопје. Вложуваме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот.

Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање максимум 50 % од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат.
За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид што не е покриен од Фондот. Ги поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град.
Потребите на скопјани се предизвик што со задоволство го прифаќаме и на кој ќе одговориме. Град Скопје развива социјална политика на локално ниво, која сѐ повеќе нѐ доближува до граѓаните и нивните судбини, а тоа ни дозволува и реално да ги креираме социјалните мерки кон нив.
Преку овој пакет-мерки Градот вложува во квалитетот на живот. Градот станува еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот. Постојаната комуникација со секој наш сограѓанин и подадената рака кон секого кому му е потребна е препознатлив пристап за нас. Ни претстои една поинаква приказна во социјалната слика на градот. Од Скопје правиме социјално сензитивен град за посреќни мигови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

