Македонија
Широките проблеми изискуваат сеопфатни решенија, а глобалните проблеми – глобални решенија: Грковска на пленарната сесија на CoSP10
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на Пленарната сесија на Конференцијата на земјите потписнички (CoSP), главното тело за креирање политики на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита од корупција (UNCAC), која се одржува во Атланта, САД.
„Корупцијата не е проблем само на одредени земји, туку глобален проблем кој ја загрозува стабилноста, безбедноста и економскиот развој, ја поткопува довербата во институциите, го намалува квалитетот на јавните услуги, ги крши човековите права и го поттикнува организираниот криминал, тероризмот и незаконските финансиски текови“, истакна вицепремиерката Грковска во своето обраќање.
Таа посочи дека во справувањето со оваа глобална закана, мора да се работи заеднички за да се искорени корупцијата и да се промовира транспарентно, одговорно и партиципативно владеење во поединечни земји и низ целиот свет. „Бидејќи широките проблеми изискуваат сеопфатни решенија, а глобалните проблеми – глобални решенија“, изјави Грковска.
Во своето обраќање на пленарната сесија, вицепремиерката истакна дека според истражувањата на јавното мислење во Северна Македонија, корупцијата се наведува како најголем општествен проблем и додаде дека ваквата перцепција на граѓаните во голема мера се должи на фактот што во изминатите години земјата успеа да излезе од децениската состојба на затворена држава и направи огромен чекор напред со отворање на институциите и подобрување на состојбата со медиумските слободи, а тоа директно придонесе за зголемување на јавната свест за овој проблем.
„Во оваа прилика, морам да истакнам дека сум горда што Северна Македонија, според последниот извештај, е единствената земја – потписник што е целосно усогласена со Заложбата за транспарентност на УНКАК“, нагласи Грковска и додаде дека Владата презема голем број чекори во спроведувањето на политиките за добро владеење, а правната и институционалната рамка во најголем дел е усогласена со законодавството на ЕУ.
„За жал, демократскиот напредок што го постигнавме во последните години не значеше инстантна промена во сите надлежни институции, во однос на нивната агилност, ефикасност, посветеност и волја и интегритет доследно да го вршат својот дел од мисијата за градење подобро општество за сите“, изјави вицепремиерката.
Поради воочените слабости во клучните сегменти на системот, додаде таа, се воспостави интензивна координација на сите институции кои имаат надлежност во борбата против корупцијата, од две причини – да се создаде форма на меѓусебен конструктивен притисок за секоја институција поажурно и поефективно да го исполни својот дел од обврските и заради градење силен меѓусекторски пристап во борбата против корупцијата како клучен предуслов за успех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.