Македонија
Шокаровски: Смртноста на кардиохирургија се намалува, разрешувањата се незаконски, а 170-те пациенти не се фантоми, туку по грешка не се заведени во „Мој термин“
Смртноста на Клиниката за кардиохирургија не е зголемена, туку има тренд на намалување, нема пациенти фантоми, кои не се заведени никаде, туку има грешка во врската со „Мој термин“. Вчерашните разрешувања што ги направи министерот Илир Демири се незаконски, а сите случувања се оркестриран напад на државната кардиохирургија со цел да се уништи оти тоа некому не му одговара. Вака разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски, одговори на обвинувањата и разрешувањата од министерот за здравство.
„Моето разрешување е незаконско бидејќи во мандатот на техничката Влада не може ниту да се именуваат ниту да се разрешуваат раководители. Ги повикувам релевантните институции, кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава, да реагираат. Дополнително, министерот за здравство го разреши координаторот за развој на кардиоваскуларната хирургија при Министерството, Александра Ефтимова. Истовремено, му го прекина договорот на координаторот за срцева трансплантација при Министерството, Адријана Георгиев. Оттука се наметнува нашето прашање дали се работи за оркестриран напад против државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи едно вакво тектонско изместување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?“, праша разрешениот директор Шокаровски.
Според него, министерот во заминување, под изговор дека се грижи за работењето, ја крие намерата да се дискредитира и наруши угледот и на клиниката и на тимот, кој неуморно ги третира најкомплицираните случаи во македонското здравство. Шокаровски вели дека сите бројки за смртноста изнесени во некои медиуми се неточни и шпекулативни, а комисијата што ја формирал министерот Демири била составен од лекари што немаат никаков контакт со кардиоваскуларни пациенти.
„Во јули 2023 објавено е дека се оперирани 12 пациенти. Податокот не е точен, оперирани се 22 пациенти. За август податокот е дека се 11, а оперирани се 14 пациенти. За октомври податокот е дека се оперирани 8, а оперирани се, всушност, 16 пациенти. Вкупната разлика е 21 пациент во презентациите. Очигледно изворот на податоци ги довел во заблуда и дал погрешни бројки, а тие не се потрудиле да ја чујат другата страна, што е основен принцип во објективноста на информирањето. Токму поради ова направивме сопствена статистичка експертиза со помош на експерти во областа. Од анализата дојдовме до објективни заклучоци, кои ги побиваат сите претходно изнесени невистини од страна на министерот во заминување, како и од одредени медиуми. Прво, не е точно дека се зголемила смртноста откако јас сум назначен за раководител на институцијата. Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста, од една страна, а има значајно зголемување на тежината на комплексноста на пациентите околу 20 %. Второ, постои тренд на намалување на смртноста во текот на месеците. Последните пет месеци покажуваат дека нашата смртност е помала од предвидената, односно пониска, подобри сме од она што се очекува“, рече разрешениот Шокаровски.
Нивната анализа покажала и дека не постојат 170 фантомски пациенти за кои нема ниту оптупсни писма ниту умреници, а за што обвини министерот Демири во понеделникот.
„Најостро ги демантираме овие невистини. Нашата анализа и контактите со ‘Мој термин’ покажуваат дека постои техничка грешка во пренесувањето информации од софтверската платформа, која ние ја користиме за евиденција на пациентите, до платформата ‘Мој термин’. Отпусните писма на некои од пациентите не се пренесени во ‘Мој термин’ поради овој софтверски пропуст. Овие пациенти не се ниту скриени ниту фантомски избришани. Сите тие имаат уредни детаљни отпусни писма, што секако може да се провери. Проблемот не е од денес-вчера, подолго се провлекува, уште пред јас да бидам назначен за директор“, објасни Шокаровски.
За најбезобразна лага тој ги смета шпекулациите дека клиниката не произведувала кадар, туку само професори, за што ги повика надлежните институции и министерствата за здравство и образование да реагираат оти, како што рече, некој се охрабрува да го преиспитува Медицинскиот факултет.
Шокаровски предложи да се направи ревизија на дипломите на сите лекари не само во јавното туку и во приватното здравство за да се стави крај на самопромовирањето во експерти во кардиохирургијата. Предложи ревизијата да почне од Клиниката за кардиохирургија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

