Македонија
Штрајк и тужби за државата се можни доколку Владата не го продолжи дијалогот со административците, кои бараат 30 отсто поголема плата

Вработените во неколку министерства и државни институции, кои и денес, четврти ден по ред, излегоа на протест за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор се подготвени на дијалог со Владата, но размислуваат и за штрајк и за тужби за државата доколку нема дијалог.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), рече дека со излегувањето на протести на минусни температури вработените ја покажале решеноста да се борат за правата, а денес испратиле и формално барање до Владата за средба со премиерот.
„Овие денови се начитавме декларативни соопштенија од Владата преку кои нѐ канеа на средби преку вас медиумите, а ние формално не добивме никаква покана за водење дијалог бидејќи тој не се води преку соопштенија и преку медиуми, така што Синдикатот на УПОЗ денес поднесе формално барање за средба со претседателот на Владата, во кое бараме повторно продолжување на дијалогот, кој еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата за овие вработени што денеска протестираат со нас“, рече Деаноски.
Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати, како што велат, подадената рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение за нивните барања. Во спротивно, најавуваат дека повторно ќе ги активираат протестите, а велат и дека ќе ги искористат сите со закон дадени можности за изразување на незадоволството на работниците до остварување на барањата.
„Првин ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот како што како што најавува Владата, ако не, ќе ги продолжиме протестите. Се размислува за одење на штрајк, а се размислува и за тужби за државата“, рече Деаноски.
Денешниот протест, последен од засега најавените, беше симболичен пред Министерството за финансии. Зоран Георгиевски, член на Синдикатот на Министерството за правда, вели дека сѐ уште немаат никаков сигнал од Министерството за финансии и од Владата и најави дека нема да се откажат сѐ додека не добијат достоинствени плати како во другите државни институции.
На получасовни протести од вторникот излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.