Македонија
Шукова за пожарот во Тетовско: Општината да провери дали складот работел во согласност со предвидените мерки, граѓаните да внимаваат следниве неколку дена
Министерка за животна средина, Каја Шукова, во врска со пожарот во магацинот со бои и лакови во тетовското село Фалише, појасни дека во државата нема акредитирана метода што може да мери испарување органски загадувачи.
„Тоа е склад со бои и лакови и тоа се органски материи. Автоматскиот мониторинг на државата мери неоргански испарливи материи. Во случајот во државата нема акредитирана метода со која се мери испарување органски загадувачи. Ги консултиравме сите лаборатории, но не може да излезат на терен бидејќи немаат акредитирана метода, но излегоа на терен Центарот за управување со кризи, Институтот за јавно здравје и Државниот инспекторат за животна средина“, истакна Шукова.
Она што се чека, како што најави Шукова, се анализите од Институтот за јавно здравје за водите и за почвите.
„Ваквите компании не потпаѓаат на системот на интегрирани дозволи, ниту на А- ниту на Б-ниво, но врз основа на доставен елаборат за кој оОштината треба да даде дозвола. Сега треба Општината да провери дали овој склад работел во согласност со предвидените мерки, особено противпожарни мерки и дали има елаборат за заштита на животната средина. Ние не сме истражен орган, ние тоа секако нема да го проверуваме, но мислам дека Општината треба да провери“, потенцира Шукова.
Нагласи дека како надлежни власти постојано укажуваат дека кога се отвораат какви било магацини или помали објекти во кои се работи со вакви материи, мора да се почитува законската регулатива во делот на животната средина.
„Во однос на ова што се случи вчера, евидентно е дека ќе има загадување на воздухот, кое, за жал, не можеме да го измериме. И уште вчера дадовме препорака граѓаните да не излегуваат без потреба, вратите и прозорите на домовите да бидат затворени. Препораката до граѓаните е да внимаваат овие неколку дена“, апелира Шукова.
Таа истакна дека доколку во тој крај има земјоделски култури, тие не треба да бидат во употреба.
Како што рече, евидентно е дека ќе има загадување на воздухот, кое, како што рече, за жал, не може да се измери бидејќи е од органски испарливи материи. Додаде дека ќе има загадување и на почвите и водите.
Инаку од ЦУК информираа дека во магацинот во тетовското село Фалише, изгореле 14 тони бои и лакови и други хемиски препарати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На свечена церемонија, утре Пендаровски ќе и’ ја предаде функцијата на Силјановска-Давкова
Во Кабинетот на претседателот, утре – 12 мај ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и претседателот Стево Пендаровски предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија денеска и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. ДИК ќе треба да достави извештајот до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат.
Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
Aхмети тврди дека со челниците на „Вреди“ во јануари потпишале декларација дека ќе владеат само со партии што поддржуваат уставни измени
ДУИ тврди дека и првите луѓе на коалицијата „Вреди“ (Влен), со кои ВМРО-ДПМНЕ договара коалицирање во новата Влада, се потписници на декларација во која уверуваат дека ќе владеат заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата рече дека декларацијата била потпишана во јануари годинава.
Во неа, се наведува дека почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ) носи стратешки и значајни придобивки за нашата земја, а потписниците со обединет глас се придружуваат да одговорат на итната потреба за решавање и стабилност во земјата.
„За овие цели ние како политички партии изјавуваме: ‘Ние, долупотпишаните политички партии, имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ. Потписи на партиски претставници (наредени по азбучен ред): Арбен Таравари, Африм Гаши, Али Ахмети, Билал Касами и Изет Меџити“, стои во документот што го прочита Ахмети.
Претпладнево се случи првата рунда на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, по којашто партиите соопштија дека ги договориле општите начела за идната Влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Од тука додадоа дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите за коалицирање.
Во изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ излегоа со различни ставови за уставните измени, но во повеќе наврати беше потенцирано дека разговорите на таа тема ќе бидат ставени на маса по завршувањето на изборите.
Македонија
„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен
Денеска беше остварена средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна не ВЛЕН беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото“, објави ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање.