Македонија
(Видео) Ѓорчев: Немој да ме извисите, со ,,лајкови” ќе го победиме СДСМ

,,Кога ќе дојдеме на власт, таблите со името Македонија што ги вадат нека ни ги дадат на нас. Ќе ги чуваме по подруми и тавани, зашто ќе дојде време кога пак ќе ни требаат. Мора тоа да го направиме, тоа е нашиот аманет”, рече Владимир Ѓорчев, еден од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната партиска конвенција која што се одржува во Струга.
Тој порача да не помислуваат да полнат кутии на претстојните претседателски избори. ,,Ќе ги ставиме на црни листи и ние имаме свои адути”, рече Ѓорчев.
Тој додаде дека кога ќе биде претседател ќе се бори за Македонија со срце, ,,а не како Зоран Зоран и Никола Димитров за кои се е на продажба и распродажба”. ,,Во првите три месеци од мојот мандат ќе ги посетам Белата куќа, Брисел, Лондон и ќе ја кажам вистината за Македонија”, истакна Ѓорчев.
Тој упати порака до делегатите кои учествуваат на денешниот партиски конгрес во Струга. ,,Јас сум кандидат со бројки. На сите избори сме ги имале најубедливите победи на листите на кои што бев јас. Гласајте за победник кој знае што се избори”.
Обраќајки се до партиските органи и членството тој потенцираше: ,,Колеги јас сум ваш сопартиец и брат. Дајте ми ја довербата, нема да ве изневерам. Ова е најважниот говор во мојот живот. Немојте да ме извисите. Јас знам како да победам. За овие 100 дена, 25 пати ќе дојдам во секоја општина, ќе ја преораме Македонија. Дајте ми шанса да го вратам ВМРО-ДПМНЕ на правиот пат. Кога ќе излезете на улица гордо ќе можете да им кажете на луѓето: Добар ден, жива е Македонија”, истакна тој.
На делегатите од УМС ,Ѓорчев им рече да гласаат за некој кој бил во УМС, да гласаат за кандидат кој има и „Фејсбук“ и „Твитер“ и „Инстаграм“ и оти и со лајкови и со терен ќе го победат СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.