Македонија
Ѓорѓиевски : Европските практики забрзано ќе се имплементираат, но блокадите се нерационални
Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска се домаќини на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија. Состанокот кој се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, го отвори претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Говорејќи на првата тема, посветена на ,,Развој во процесот на пристапување на Р. Македонија кон ЕУ“, Ѓорѓиевски ја истакна улогата на локалните власти во овој процес, бидејќи 70% од европското законодавство треба да се имплементира на локално ниво, но посочи и на нереалните условувања што Европската Унија ги има кон нас. Зборувајќи за европските средства од Планот за раст, од кои Македонија до крајот на годината треба да ја добие првата транша од 50 милиони евра, од околу 750 милиони евра, Ѓорѓиевски контатираше дека средствата ни се потребни за да ги достигнеме европските стандарди, но никако не треба да пристигнуват како услов и како гест на „добра волја“ од страна на ЕУ.
– Ние сепак веруваме дека ќе изнајдеме соодветни решенија, без вакви сериозни условувања на наша штета, а ја користам и оваа прилика да побарам поддршка од вас на овој наш пат. Она што не радува и ни влева надеж дека локалната власт конечно ќе фати чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди е односот што оваа Влада го има кон општините и кон ЗЕЛС . Уште на самиот старт од нејзиниот мандат, ни подаде рака и обезбеди финансиска поддршка за општините, за проекти за инфраструктура во висина од 100 милиони евра. Следната година, за истата намена се предвидува поддршка со средства во висина од 150 милиони евра. Исто така, во месец август ЗЕЛС потпиша Меморандум за соработка со Владата, а веќе се вложуваат напори и за креирање на сериозни реформи во локалната власт. Многу досегашни барања што низа години наназад ЗЕЛС ги доставуваше до централната власт, веќе сериозно се разгледуваат и се пристапува кон креирање на подобри законски решенија. Од наша страна, како претседател на ЗЕЛС, сакам да истакнам дека веќе имаме доставено Предлог-законско решение за комунална полиција и се надеваме на наша поголема вклученост при изработката на конечниот Предлог -Закон. Исто така, задоволни сме што оваа Влада се посветува на воведување на што поголем број дигитални услуги за граѓаните-потенцираше Ѓорѓиевски.
Зборувајќи на втората тема на денешниот состанок ,,Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги”, тој потсети на електронските услуги кои ЗЕЛС им ги дава на општините во интерес на граѓаните.
– Одлична вест е и што Владата го прифати долгогодишното барање на ЗЕЛС за обезбедување на софтвер за електронска наплата на данокот. Штета, што ЗЕЛС не е финансиски моќна институција, бидејќи за реализација на оваа идеја од пред шест години, досега не наиде на поддршка ниту од претходните централни структури, ниту пак од Европската Унија, која впрочем во нашата земја спроведува Проект ,,Е – иновативни решенија на општините “. Сепак, важно е дека добрите идеи да бидат реализирани и јас сум сериозен оптимист дека тие ќе се имплементираат.
Од големо значење е што ќе му се даде приоритет и на прашањето за спроведување на паралелен процес на ажурирање на базите на даноци на имот од страна на општините. Нешто за што досега апелиравме до општините на сите седници на Генерално собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на заедницата. Истовремено ЗЕЛС истапуваше и со бројни барања до Агенцијата за катастар на недвижности, да им ги префрли податоците бесплатно, што за жал не се случи-истакна Ѓорѓиевски во своето обраќање.
На 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија, присуствуваат и свои обраќања имаат и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, шефот за соработка на Европската делегација, Стефан Худолин, претседател на Комисијата за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони Патрик Молиноз, заменик министер за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџински, градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска и Јасна Габриќ, член на Собрание на општина Трбовље и член на европскиот Комитет на региони, Раит Пихелгас, известител на КоР за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија, Јана Белчева Андреевска, НАЛАС офицер за дигитална трансформација и Ивана Велкова, вршител на должност директор на ALDA Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

