Македонија
Градинката „Пеперутка 1” во Драчево ќе може да прими приближно 150 наместо како досега 90 деца, вели Ѓорѓиевски
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денес извршија увид во градежните активности за проширување и реконструкција на градинката “Пеперутка 1” во Драчево. Во завршна фаза е темелната обнова на овој објект кој постои скоро 60 години и во кој никој досега не извршил реконструктивни зафати. Како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, по завршувањето на реконструкцијата градинката “Пеперутка 1” ќе може да прими околу 150, наместо како досега 90 деца, и со тоа се затворат листите на чекање во Драчево. Додаде дека со започнатите и планирани проекти, наскоро и во целата општина нема да има деца кои ќе чекаат да бидат запишани во градинка.
„Се наоѓаме во јавната детска градинка “Пеперутка 1” во Драчево, каде во завршна фаза се градежните активности за нејзино проширување и реконструкција. Се работи за објект изграден во 1965 година во кој се згрижени 90 деца и кој и покрај повеќедецениското постоење досега не претрпел посериозни реконструктивни зафати. Токму затоа работевме темелно. Покрај проширувањето, изградивме нови санитарни јазли, реконструиран е кровот, променет е подот, електриката, инсталацијата, прозорците, ставаме и нова енергетско-ефикасна фасада… Со ангажманот кој го презедовме нашите најмлади жители ќе добијат современи услови за престој, а еднакво важно е што добиваме и дополнителен простор, бидејќи наместо 90, ќе можат да се згрижат 150 деца. Посебно е важно што акцентот на слободни места, го ставаме врз јаслите, бидејќи бројот на новоредени дечиња расте, што секако е добра вест“, рече тој и додаде:
„Сакам да истакнам дека со завршувањето на овој проект, во Драчево целосно ги затвораме листите на чекање, а листите на чекање во целата општина ги сведуваме 60-тина. Да потсетам дека на почетокот од мојот мандат повеќе од 400 деца немаа можност да бидат запишани во градинка и чекаа да се ослободи место. Веднаш реагиравме со отворање на две нови градинки, едната во Усје, другата во Драчево, во дворот на објектот ,,Кокиче” чиј капацитет го проширивме за 90 дечиња, започнавме со изградба на нов објект ,,Верверичка”, а обезбедивме и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник. По завршувањето на двете нови градинки, листите на чекање ќе бидат сосема затворени. Дополнително, инвестиравме и во опрема, дидактички материјали и мебел во постоечките објекти, за што издвоивме околу 17 милиони денари. Проширување и реконструкцијата на детска градинка “Пеперутка 1” во Драчево е уште еден од низата проекти кои се зацртани во мојата програма со цел да се овозможи најпрво да нема чекање ред за во градинка, а потоа и унапредување на условите во овие јавни детски установи, за сите наши деца, во сите населби и населени места. Децата се нашата иднина и вложувањето во позитивниот детски развој е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме. Сакам да му се заблагодарам на поддршката на Министерот за труд и социјална политика и се надевам дека како Министерство ќе помогнат со опремувањето на објектот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

