Македонија
Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата дигитализирана општина во Македонија и пошироко
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес, на прес-конференција го промовира проектот за дигитализација со наслов „Со дигитализација до ефикасна администрација“. Преку неговата имплементација Кисела Вода е првата општина во Македонија и на Балканот, која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат. Ако досега за вадење извод од урбанистички план граѓаните чекаа по неколку месеци, сега со новата електронска платформа документот ќе го имаат на својата имејл-адреса за 72 часа, без да мора воопшто да доаѓаат до општината. Со ова се зголемува достапноста на услугите, се штеди време и финансиски средства и сосема се намалува можноста за корупција.
„Од денес Кисела Вода е првата општина во Македонија, но и на Балканот, каде што вадењето извод од детаљниот урбанистички план е целосно електронски. Ова е особено важно бидејќи изводот е појдовна точка во сите градежни и урбанистички процеси, како и за многу постапки што се водат во министерствата и другите институции на централно ниво. Ако досега за оваа услуга беше потребно да се дојде на шалтер, а потоа да се чека еден, а некогаш и повеќе месеци, од денес натаму за изводот се аплицира електронски, се плаќа електронски и во рок од 72 часа се добива по електронски пат, односно тој ќе пристигне на имејл-адресата на барателот. Како што кажав, ова е финализација на првиот дел од проектот со наслов ‘Интегриран ГИС-систем’, кој го почнавме веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначалник на Кисела Вода. Преку него ги дигитализиравме сите урбанистички планови и ги поставивме на нашата веб-страница. За разлика од минатото, кога никој ниту знаеше колку планови има ниту што содржат тие бидејќи стоеја заклучени во нечии фиоки, ние, како ново раководство во Општината, ги ставивме на увид на граѓаните и им дадовме можност за забелешки и сугестии. Со ова се отворија и многу Пандорини кутии и на површина излегоа многу неправилности во работењето на моите претходници. Целосната транспарентност, која на овој начин ја нудиме, е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека преку пренесувањето на административниот процес во електронска форма се подобруваат ефикасноста и брзината на работа на Општината. Електронските бази на податоци на кои се работеше во изминатиот период ќе помогнат во полесно проследување на документите, како и во поефикасна комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните. Втората фаза од овој голем проект, чија имплементација почнува многу бргу, опфаќа нови дигитални услуги што дополнително ќе го подобрат квалитетот на услугите и сосема ќе ја намалат можноста за корупција бидејќи во административниот процес сосема ќе го исклучат човечкиот фактор.
„Втората етапа ќе опфати внесување во ГИС-системот на сите дивоградби, на сите нови ДУП-ови, кои, секако, претходно ќе бидат јавно објавени за забелешки, потоа попишување и внесување на целокупната урбана опрема, на сите градинки, училишта, бизнис-ентитети. Ќе се направи регистар на улици и попис на целокупната инфраструктура во општината. По примерот на високоразвиените европски и светски градови, втората фаза треба да финализира со вадење документи што се потребни при градежните и урбанистичките процеси во кои целосно ќе биде изоставен човечкиот фактор. Со ова ќе се оневозможи моќта на службените лица да извршуваат коруптивни активности, а постојаната достапност на информациите на граѓаните ќе им даде можност да ги проверат своите документи и трансакции и да детектираат какви било неправилности“, информира градоначалникот Ѓорѓиевски, кој истакна дека да се биде прв во нешто е големо задоволство, голема одговорност и тешка, но не и невозможна задача.
„Надминувањето на предизвиците за нас е растеж, а задоволните граѓани се најубавата награда за трудот. Продолжуваме одговорно и со иста динамика бидејќи тоа е она на кое се обврзавме и она што им го должиме на нашите жители“, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Новата дигитална платформа е поставена и достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода. Сепак, доколку желбата на странката е изводот да го добие во хартиена форма, нашите служби стојат на располагање и тоа ќе им биде овозможено. Архивата во бараката 6 работи секој ден и тоа со продолжено работно време, до 18 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

