Македонија
Ѓорѓиевски: Нов кабинет по информатика за ООУ „Невена Георгиева-Дуња”
Учениците од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ од денес наставата по информатика ќе ја следат во помодерни и посовремени услови. Градоначалникот Ѓорѓиевски го посети ова училиште, каде што во функција е ставен новиот кабинет по информатика. Мултимедијалната училница е опремена со компјутери, паметна табла, магнетна табла, обезбеден е и нов мебел, анатомски обликувани столчиња, со што ќе се зголеми удобноста за работа и ќе се создаде попродуктивна работна атмосфера. Се работи за инвестиција обезбедена преку донација од Француски институт – Скопје, како и приватната компанија „Алумил“ и Уни банка, кои на овој начин ја покажаа својата општествена одговорност.
„Интензивно работиме на унапредување на условите за основците од Кисела Вода, секојдневно создавајќи им можности за помодерен пристап во наставниот процес. Денес, во функција го ставаме новоопремениот кабинет по информатика во ООУ ‘Невена Георгиева-Дуња’, кој целосно го опремивме со техничка опрема. Учениците на располагање имаат компјутери, кои се мрежно врзани, печатачи и скенери, на располагање имаат и паметна табла, како и нова магнетна табла, со што даваме можност за унапредување на нивните ИТ-вештини. Претходно, ова училиште беше опремено и со интерактивен панел, кој веќе активно се користи во наставниот процес. Тој беше донација од француската амбасада.
Нужно е формалното образование ги следи новите технологии и методи, особено кога денешницата вели дека изборот на дигиталните професии е вистински и сигурен избор во овој момент. Воедно, направивме и ентериерно уредување, обезбедивме нов мебел, квалитетни и ергономски компјутерски столчиња, што секако ќе обезбеди подобра работна атмосфера. Сакам да им се заблагодарам на Францускиот институт – Скопје, на приватната компанија ‘Алумил’ и на Уни банка бидејќи ги препознаа и ги следат нашите благородни заложби за креирање стручна, едуцирана младина, која ќе може да одговори на потребите на пазарот. Оваа нивна донација е вистински чекор во таа насока“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, кој додаде дека претходно ваков кабинет за информатика им беше обезбеден и на учениците од ООУ „Круме Кепески“, а за сите основни училишта во Кисела Вода во повеќе наврати се обезбедуваа дигитални табли и паметни телевизори.
Во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ настава следат 618 ученици. Покрај повозрасните, кои предметот информатика го имаат во повисоките класови, новиот кабинет по информатика ќе го користат и учениците од одделенската настава, кои работа со компјутери изучуваат од трето одделение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.

