Македонија
Ѓорѓиевски: Ќе го завршиме булеварот Борис Трајковски до Драчево
Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот народен митинг одржан во Кисела Вода во рамки на изборната кампања со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври годинава. Ѓорѓиевски ја претстави својата визија за зелено и модерно Скопје, а наброи и клучни инфраструктурни проекти, решенија за еколошките проблеми со кои градот се соочува, подобрување на јавните претпријатија. Според него, успехот на Кисела Вода е модел што треба да се пренесе.
,,Кисела Вода конечно е добриот пример во Скопје. Доказ дека кога се работи чесно, посветено и од срце, резултатите се тука, видливи за сите! И токму тој доказ, таа наша заедничка победа, е причината зошто стојам денес пред вас. Затоа што моделот на работа, енергија и чесност од Кисела Вода, мора да го пренесеме во цело наше Скопје. Она што го направивме овде, во нашето маало, можеме и мораме да го направиме за целиот наш град. Скопје заслужува да биде водено со љубов, со план и со визија“, вели Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека ќе го заврши проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, ќе го реши проблемот со Усјанскиот канал, ќе изгради нова катна гаража на Есенинова, ќе ја создаде најголемата Градска шума во Расадник, општина Кисела Вода.
,,Конечно ќе го завршиме проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ сè до Драчево. Ставаме крај на гужвите и тесните грла еднаш засекогаш. Ќе го решиме и деценискиот проблем со Усјанскиот канал, со негова целосна реконструкција и покривање! Нема повеќе ризици по здравјето на нашите граѓани и поплавени домови како што беше тоа во минатото“, рече Ѓорѓиевски и додаде:
,,Ќе ги поврземе населбите и ќе го олесниме движењето со пробивање на улицата „Есенинова“. Ќе изградиме нова модерна катна гаража на Есенинова за да го решиме проблемот со паркирањето таму. И најважно, нашиот завет кон вас: во Расадник, ќе ја изградиме најголемата Градска шума, мега парк во урбаниот дел на Скопје. Ќе создадеме нови бели дробови за целиот град, токму овде, во срцето на наша. Кисела Вода“.
Ѓорѓиевски додека дека визијата е за поврзано, зелено и модерно Скопје, без сообраќајни проблеми, чист воздух, реформирани јавни претпријатија и обновени културни објекти, со цел Скопје повторно да заживее.
,,Ова, пријатели, е нашата визија. Визија за поврзано, зелено и модерно Скопје. Град со функционален сообраќај, каде ќе ги завршиме сите заглавени проекти како клучката Момин Поток и ќе изградиме нови артерии како булеварите „Хрватска“, „Цветан Димов“ и подземната сообраќајница кај „Лимак“. Град со чист воздух, каде ќе воведеме целосен план за чист воздух, а депонијата Дрисла ќе ја претвориме од еколошка бомба во современ европски центар за третман на отпадот. Град со ред и поредок, каде јавните претпријатија ќе бидат реформирани за да му служат на народот, а не на партиските интереси. Ќе воведеме комунален ред за да го вратиме сјајот на сите наши улици. Град кој се грижи за својата култура, каде конечно ќе ја вратиме во живот Универзалната сала и киното Милениум“, заклучи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

