Македонија
(Видео) Јаневска: Дали Јетон Шаќири потпишал експериментална нова програма за образование без консултација со никого, власта експериментира со младите
Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука го прашува министерот за образование, Јетон Шаќири дали потпишал Експериментална програма за унaпредување на воспитно-образовниот процес во основното образование за учебната 2023/24 година со кој акт де факто на нетранспарентен начин, како што вели и без консултација со никого вовел нова програма во основното образование за учебната 2023/2024 година.
Владата, признава, појаснува Јаневска, дека на големо фалената Концепција на Мила Царовска, всушност претставува пропаднат проект, кој ќе биде заменет со нов експериментален, односно експеримент за најмладите на целата територија на Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ преку Комисијата за образование и наука многу пати укажуваше и предупредуваше на недостатоците на Концепцијата и на неможност за нејзино реализирање, за на крај да добиеме експеримент за децата. Прашувам дали новата експериментална програма само за една учебна година е всушност само очајнички обид да се сочуваат делови од таа пропадната Концепцијата.
Како цреша на шлагот со новата експериментална програма , се вели: Со оглед на тоа што, во одредени ситуации, поради неквалитет или други слабости, се повлекуваат учебници од употреба или, поради, непријавување на автори за ракописи на учебници, да се прашаат зошто или воведување на нов наставен предмет за којшто е потребно да се промовира нов пристап во презентирањето на содржините и постигнување на резултатите од учење, за да се овозможи непречено одвивање на наставата и навремено обезбедување на учениците со соодветни материјали за учење, Министерството за образование може да побара од Бирото за развој на образованието изработка на материјали за учење, не учебници, материјали за учење“, истакнува Јаневска.
„Ова „Министерството за образование може“ во суштина значи, учебници нема, повторно ќе добиеме само материјали за учење. Збогум на учебниците. Што е многу, многу е“, додава таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.