Македонија
Јаневска: Нема пари за повисоки плати за наставниците во септември
Поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да добијат покачување на платите во септември за 12 отсто, како што бара синдикатот, но зголемување ќе има во март.
„Грчевито се борам и ќе се борам за наставниците и ќе продолжам и ќе инсистирам да се исполни она што сме им го ветиле. Сме им ветиле во првата година – за оваа Влада првата година е од јуни до следниот јуни. Во првата година тие, секако, ќе добијат покачување. Во март ќе добијат покачување на платата, што е можно повеќе, колку што ќе дозволи Буџетот, толку ќе добијат. Во текот на годината, ако има можности, уште едно покачување, за да бидат задоволни и мотивирани“, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром, Јаневска истакна дека како наставник точно ги знае, рече, „проблемите и предизвиците и со каква тежина и притисоци се соочуваат наставниците“, но верува дека тие ќе имаат разбирање за реалните можности.
„Кога би можела, уште утре би им ја покачила платата, не за оние 12 проценти кои ги бара синдикатот. По можност 30, 40, 50 проценти. И нема дилема дека тие треба да имаат поголеми плати, јас само ги кажувам реалните можности, кажувам што наследивме од претходната власт. Ако таа министерка или било кои други министри правилно го планираа буџетот, може и немаше да имаме проблем. Се соочуваме со огромни средства за учебници, огромни средства за ученички стандард кои не ги исплаќале, огромни средства за студентски стандард кои не ги исплаќале, проблеми со превозот. Гледате дека се доградуваат училници, се реновираат санитарии. Сѐ е тоа нешто што е неопходно. Не дека платите на наставниците не се неопходни, тие се и тоа како значајни, но јас сум убедена дека ќе имаат разбирање“, рече Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

